СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ОФФ-ФЕСТ ЌЕ СЕ ПРЕМИСЛИ И ЌЕ ЈА ИСКОРИСТИ ЖАЛБАТА КАКО ПРАВНА АЛАТКА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ОТКАКО ФЕСТИВАЛОТ СЕ ОТКАЖА ПОРАДИ СКРАТЕНИ ПАРИ

1 min read

Се надевам дека организаторот на Офф-фест ќе се премисли и ќе ја искористи жалбата како правен механизам да реагира, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, откако Скопскиот џез фестивал утринава најави дека Офф-фест годинава нема да се одржи. За 22. издание на еден од најпосетуваните и најквалитетни настани во земјава доби 1 милион и 20 илјади денари (16.500 евра). Според СЏФ, парите се скратени за половина од минатогодишната сума и не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на Офф-фест (предвиден од 7 до 10 јуни) како (повеќедневен) фестивал.

СЏФ рече дека нема да поднесе жалба, следејќи го ланското искуство, кога вложиле жалба на 1 март, Офф-фест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата, негативен, добиле на 19 септември.

„Секој има право на жалба. Лани имавме долг период на ребаланс на буџетот, два и пол месеци  беше во Собрание. Не е точно дека требало да дојде ноември за да легнат средствата. Направив едно мало истражување и во 2019, Офф-фест добиле 1 милион денари, поднеле жалба, и добиле уште 1 милион денари. Вкупно 2 милиона денари. Правото на жалба секој има право да го користи, онаму каде секој смета дека сумата од икс причини не е таа што треба да ја добијат и треба да добие повеќе, и тоа е право на жалба која почнува да тече 15 дена откако ќе го добијат решението. Бидејќи жалбата се поднесува електронски, се скратува периодот за одговoр  на жалбата, кој исто така ќе трае 15 дена“, рече министерката на денешниот брифинг со новинарите.

Најавувајќи го откажувањето на фестивалот, Скопскиот џез фестивал кажа дека, „На Офф-фест му останува пријатната обврска да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект ‘Звуците на Европа’, поддржан од Европската Унија (преку програмата ‘Креативна Европа’). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени“.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Студентите од приватните факултети бараат бесплатен градски превоз во Скопје

Следно

Жена спасена од под урнатините 227 часа по земјотресот во Туркије

Latest from Blog