Kонкурс за наградата ,,Ладислав Баришиќ” на Здружението на ликовни критичари АИКА

во категоријата Култура

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика во Македонија.Наградата има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста. 

Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции.

Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.

Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на У.О. на АИКА Македонија). Кандидатите треба да се граѓани на Република Македонија или пак странски државјани кои живеат и работат на територијата на Република Македонија повеќе од една година.

Наградата е во висина од 30.000 денари и за неа ќе одлучува трочлено стручно жири. Конкурсот е отворен од 10 јули 2019. и трае до 15 септември 2019.

Кандидатите треба да достават:опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1500 збора), CV на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето).

Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на декември 2019., пред годишниот симпозиум на АИКА Македонија каде наградената реализација ќе биде претставена.Истражувањето ќе биде објавено на веб-порталот на АИКА Македонија.

Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 20 септември, 2019.
Материјалите треба да се испратат на следната адреса:
[email protected]
 

ИЗВОР: https://makfax.com.mk/kultura/