ЕУ го воведува десеттиот пакет санкции против Русија

1 min read

Челниците на Европската Унија најавија дека освен Русија цел на санкциите на ЕУ ќе биде и Иран бидејќи е поврзан со набавка на беспилотни летала што се користат во руските напади врз Украина. Санкциите ќе вклучат целосна забрана за извоз на ирански субјекти кои се занимаваат со производство и набавка на беспилотни летала

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска го објави новиот, десетти по ред пакет санкции против Русија откако таа ја започна својата воена инвазија на Украина пред речиси една година.

„Денеска го зголемуваме притисокот на Русија со десеттиот пакет санкции. Ја слабееме нејзината способност да ја одржува својата воена машина. Ја тераме Русија да плати“,

се вели во дел од обраќањето на Фон дер Лајен што таа го објави на нејзиниот профил на Твитер.

Фон дер Лајен додаде дека освен Русија цел на санкциите на ЕУ ќе биде и Иран бидејќи е поврзан со набавка на беспилотни летала што се користат во руските напади врз Украина. Санкциите ќе вклучат целосна забрана за извоз на ирански субјекти кои се занимаваат со производство и набавка на беспилотни летала.

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика Жозеп Борел изјави дека санкциите ќе опфатат мерки против банкарскиот сектор, напредните технологии, како и санкционирање на речиси 100 дополнителни поединци и субјекти поради нивната улога во поткопувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Ова ги вклучува оние што се одговорни за воени активности, за политички одлуки, пропаганда и дезинформации“,

рече Борел.

Санкциите, додаде Борел, ги вклучуваат оние кои се вклучени во нехумани киднапирања, депортации и принудно посвојување украински деца во Русија, како и оние што го олеснуваат грабежот на украинските ресурси.

„Вчера на состанокот на министрите на НАТО добивме јасни докази дека тоа се случува“,

додаде високиот претставник на ЕУ за надворешна политика.

Санкциите се однесуваат и на овластените органи и таканаречените судии во четирите незаконски анектирани украински региони Луганск, Донецк, Херсон и Запорожје, кои, како што изјави Борел, им даваат лажен легитимитет на руските владетели и нивните незаконски одлуки.

Најавата дека ЕУ ќе го воведе десеттиот пакет санкции против Русија беше обелоденета од шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Украина на почетокот на месецов.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Град Скопје ќе го реконструира булеварот АСНОМ

Следно

РУШЕВИНИ НАМЕСТО НАСЕЛБИ: Повеќе од 50.000 згради уништени или тешко оштетени во разорните земјотреси во Турција

Latest from Blog