35 години им дава живот на старите радија

во категоријата Свет

АНКАРА (АА) – Радио-техничарот Тунџај Генералоглу, на возраст од 61 година, во својот дуќан во населбата Инџесу во Анкара, 35 години им дава нов живот на старите радија кои се спротивставуваат на тешкиот товар на историјата.

Генералоглу во изјавата дадена за дописникот на АА истакна дека откако го завршил уметничкото училиште, работел како претставник на различни електронски брендови, а потоа почнал да се занимава со поправка на стари радија.

„Имам многу добра колекција. Надвор од овие што се наоѓаат во дуќанот, минатата година околу 300 радија и грамафони заминаа за еден музеј во Малатја. Радијата што се наоѓаат сега тука, кај мене стигнаа откако другите ги испратив во музејот“, истакна Генералоглу, додавајќи дека со поправката на радијата започнал во 1984 година, дека ги сака старите предмети и сака да работи нешто различно од другите.

– Во неговата колекција има вековни радија

Генералоглу истакна дека со зголемувањето на искуството во оваа област, почнал да се занимава и со специјални колекции. Тој, исто така нагласи дека долгите растојанија и природните услови не можат да ја спречат страста кон старите радија.

„Ако има некое радио што го сакам и ако ми дозволи здравјето, одам да го купам. На пример, внатре има некои радија. Една вечер ми ѕвонеа, следното утро бев во Хатај. Се работеше за нешто многу добро, тоа другпат не може да се пронајде“, истакна Генералоглу.

Генералоглу, покрај електричната поправка, на старите радија им ги поправа и дрвените обвивки. Тој, посочувајќи дека поправките ги прави во собата која се наоѓа во задниот дел на дуќанот, за грижата што ја води за радијата, истакна: „Јас го купувам радиото што не го купува друг радиомеханичар. Го поправам и внатрешниот и надворешниот дел. Другите луѓе и да можат да го поправат едниот дел, не се мачат, бидејќи тоа ќе ги чини.“

– „Човек што се занимава со стари радија е чувствителен“

Тој за склоноста кон оваа професија му е благодарен на татко му, кој бил љубител на уметноста.

„Човек што се занимава со стари радија е чувствителен. Тое е она што нѐ поврзува со лицата што доаѓаат тука. Лесно можам да се разбирам со лица што се чувствителни. Кога ќе се најдеме на таа точка, материјалното паѓа во заден план“, нагласи Генералоглу.

– Радио за нацистичка пропаганда

Генералоглу наведе дека покрај тие стари радија што ги донирал во музејот, во неговата колекција има над 200 радија.

„Едно од највредните радија во мојата колекција е радиото од времето на нацистите“, рече Генералоглу, истакнувајќи дека радијата произведени во три модели ги открил по долгогодишното истражување.

Тој, нагласувајќи дека во нацистичка Германија специјално се произведувале радија кои биле дистрибуирани за пропаганда, додаде:

„Во тоа време ги собирале радијата од луѓето и ги уништувале, наместо нив ги дистрибуирале овие радија за да можат да прават нацистичка пропаганда. Ова своевремено го правеле и во земјите од Источниот блок. Овие радија кај дилерите се нарекуваат ’вилицата на Гебелс‘. А Гебелс е министер за пропаганда на Хитлер.“

– „Радиото има своја личност“

Генералоглу, наведувајќи дека радиото има свои карактеристики, истакна: „Кога ќе се споредат радиото и телевизијата, радиото има своја личност. На пример, дрвото на американското радио е со добар квалитет, но ако се погледне француското радио, тоа е потенко и поелегантно.“

Тој, исто така нагласи дека може да го препознае радиото од која земја е само од неговото копче.

– „Прво ќе го купиш, потоа ќе размислуваш“

Генералоглу рече дека при поправката со најголеми проблеми се соочува кај „радијата со лампи“.

„Постои една изрека кај дилерите со стари радија. Се вели: ’Најпрвин купи го, потоа размисли‘. Многупати сум купил радио, потоа сум размислувал зошто ги дадов тие пари. Има радија кои се носат од странство. Ги поправам и ги враќам назад. Тоа го задоволува човекот“, нагласи Генералоглу.

Тој, наведувајќи дека ретко произведени и оригинални радија се дел од неговата колекција, нагласи:

„Во некои радија произведени по 1950 или по 1960 година има ФМ-канали. Во моментот во Турција од тие радија можете да слушате музика. Но 80 отсто од старите радија имаат долги, средни и кратки бранови. И во нашата земја тие станици се затворени. На пример, ако некое радио е многу старо и со духовна вредност или пак ако надворешниот дел е многу убав, вметнувам ФМ, без да ја нарушам автентичноста. Целта ми е да можат да се користат, а не тие скапоцени стари радија да бидат заборавени во некој ќош“, подвлече Генералоглу.


Извор: https://www.aa.com.tr/mk/