Забраната активистите да помагаат ќе го зголеми бројот на кучиња по улиците

5 mins read

Не стивнуваат реакциите на здруженијата за заштита на животните по изјавите на Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“, преку кои конечно утврдиле дека АХВ сепак е надлежна да спроведува контроли во одгледувалиштата на животни, прифатилиштата за бездомни животни и кај сопственици на домашни миленици во поглед на нивната усогласеност со одредбите од Законите за ветеринарно здравство, Законот за заштита и благосостојба на животните, како и Законот за идентификација и регистрација на животните. Во својата реакција, единаесет здруженија и граѓански иницијативи истакнуваат и дека конечно утврдиле и дека АХВ е надлежна за справување на проблемот со бездомната популација на животни, преку конкретни политики, методи и активности, и покрај досегашното изземање и игнорирање на нивните надлежности по доставени претставки од здруженијата за заштита на животните, активистите поединци, но и граѓаните засегнати од оваа проблематика.

Поради тоа, тие прашуваат дали АХВ знае колку функционални прифатилишта има во државата и со колкав капацитет располагаат и дали знае дека нивниот капацитет не одговара на потребите односно на состојбите и бројноста на терен. Од здруженијата истакнуваат дека голем број од овие одобрени прифатилишта не ги исполнуваат минималните услови за работа утврдени со закон, а АХВ со години наназад им овозможуваат да работат, да згрижуваат и да третираат животни во мизерни услови и за тоа да наплаќаат услуги од општините. Во реакцијата се вели и дека некои од прифатилишта како единствена мерка за справување со популацијата на бездомните животни ја користат евтаназијата наместо програмата „Залови-стерилизирај-врати“, под изговор дека сите кучиња се болни. Меѓу другото, тие прашуваат и дали АХВ знае колку од општините во државата имаат склучено договор со одобрени прифатилишта и дека дел од овие договори се фиктивни само за да се избегнат казни и да се запази законската обврска. Од здруженијата тврдат и дека иако прифатилиштата смеат да постапуваат само по налог од општините, има општини што со месеци, некои и со години немаат издадено таков налог, а повеќето општини немаат донесено ниту програми за справување со популацијата на бездомните животни.

Поради тоа, од здруженијата прашуваат каде да се обратат доколку сакаат да третираат бездомно животно, кога 70 отсто од општините немаат никаков договор со прифатилишта, ниту, пак, имаат донесено план и програма за справување со овој проблем.

– Во моментов здруженијата и активистите имаат згрижено бездомни животни во бројки што во најмала рака двократно ги надминуваат државните капацитети. Во овие околности, Агенцијата за храна и ветеринарство смета дека треба да им ги покачи цените за сертификати за пренос на сопствеништво, кои патем само тие ги користат, за 500 отсто и покрај тоа што целиот третман на овие животни го плаќаат од сопствени средства. Агенцијата за храна и ветеринарство смета дека треба да им забрани да прават општокорисна работа, во недостиг на системско решение и капацитети за справување со овој проблем. Оние што немаат ниту една реализирана активност за унапредување на благосостојбата на бездомните животни, кои немаат никакви активности во насока на спречување на приливот на нови единки преку казнување на неодговорното сопствеништво, сметаат дека треба да забранат да се згрижуваат и да се третираат бездомни животни – велат во својата реакција од здруженијата „Про анима“ од Берово, „Мали хероји рескју“ од Битола, „Охрид стрејс“ и „Анималиа“ од Охрид, „Срце за животни Тиквеш“ од Кавадарци“ , „Шепасти ентузијасти“ и „Дејзи фемили“ од Скопје, како и од четири потпишани граѓански иницијативи.

Тие тврдат дека забраната за активистите да помогнат, ќе значи само рапидно зголемување на бездомната популација на животни.

– Секаде во цивилизирани и нормални општества општествено одговорните граѓани се охрабруваат и помагаат, а свеста и алтруизмот се бескрајно почитувани, само во Македонија се бара начин да се спречат, да се опструираат и да се омаловажат од институциите и власта – стои во реакцијата.

Деновиве реагираа и од граѓанската асоцијација „Бездомни животни без граници“, откако АХВ им препорачаа на ветеринарите дека не треба да третираат животни без доказ за нивното потекло. Од Асоцијацијата сметаат дека сите постапки на Агенцијата за храна и ветеринарство укажуваат дека таа не ги познава состојбите на терен, нема никакви научни истражувања врз кои ги заснова своите укази, нема стратегија за дејствување и справување со незаинтересираноста на општините да сносат одговорност и да ги почитуваат законските обврски, но и затоа има стратегија за да ги опструираат напорите на граѓаните што го решаваат проблемот на терен со сопствени средства.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Николас Кејџ не добил ниту цент за филмот кој му донесе Оскар

Следно

Герасимовски: Децата и учениците ни покажаа дека трудот предизвикува гордост и воодушевување

Latest from Blog

АРСОВСКА ЈА ЧУВААТ СПЕЦИЈАЛЦИТЕ НА МВР – градоначалничката „се плаши“ да излезе и да се сретне со приватните превозници, но и со новинарите! (ФОТО)

Откако денеска беше најавен протест на приватните превозници градот Скопје буквално опколено со полициски службеници. Градоначалничката

MacedonianEnglishAlbanian