Колку долго го пренесуваме коронавирусот откако ќе се разболиме? Еве што кажува новата студија

4 mins read

Два од три пациенти со коронавирусот, односно 65 отсто од нив продолжуваат да го пренесуваат вирусот пет дена по појавата на симптоми, покажуваат резултатите на новата студија која ја спроведоа научници од Велика Британија.

Според експертите, секој четврти пациент (24 проценти) е заразен дури и седум дена по првичните симптоми, иако со намалено вирусно оптоварување. Просечното времетраење на заразноста е пет дена.

Студијата, исто така, покажа дека само еден од пет е заразен пред да се појават првите симптоми – кашлица, треска, губење на вкус/мирис, болки во грлото, болки во мускулите, главоболка, губење на апетит… Студијата покажала и дека се појавуваат почетни симптоми во просек три дена пред врвот на вирусното оптоварување.

Истражувањето исто така покажа дека таканаречените тестови за латерален проток или брзите тестови се помалку точни во првите денови од инфекцијата, давајќи лажно негативни резултати во околу една третина од случаите во раните фази на болеста. Наместо тоа, тие се многу попрецизни (92%) во откривањето дали некој престанал да биде заразен на крајот од нивната болест, за да можат да ја прекинат својата изолација.

Истражувачите од Империјалниот колеџ во Лондон, кои објавија релевантна публикација во медицинското списание „The Lancet Respiratory Medicine“, проучуваа 57 луѓе со дневни тестови за корона вирусот и прашалници пред, за време и по дијагнозата на инфекција со Ковид-19.

Проценката на вирусното оптоварување се смета за клучен показател за инфективноста и преносливоста. Целта на истражувањето беше точно да се идентификува почетокот и крајот на периодот кога лице заразено со коронавирусот може да го пренесе на други.

Во многу земји, препораката на здравствените власти е кога некому ќе му биде дијагностициран коронавирусот, да се самоизолира пет дена, а потоа уште пет дена да избегнува да се среќава со ранливи лица – стари лица, лица со намален имунитет, и слично.

Колку долго треба да бидат изолирани луѓето кои се позитивни на новиот коронавирус? Истражувачите препорачуваат да поминат пет дена откако ќе се појават првите симптоми и да направат брз тест од шестиот ден. Ако имаат два негативни теста по ред, тогаш е безбедно да излезат од изолација. Но, доколку брзите тестови се сè уште позитивни, тогаш тие мора да останат во изолација се додека тестот е позитивен, иако можат да излезат од изолација на десеттиот ден од почетокот на симптомите, но со грижа на другите.

– Новата студија несомнено покажува дека луѓето го пренесуваат заразниот вирус многу подолго од пет дена – вели вирологот Стивен Грифин од британскиот универзитет во Лидс.

Но, студијата беше спроведена во 2020/2021 година, кога варијантата омикрон, која генерално има помало вирусно оптоварување според други студии, сè уште не стана доминантна, а главно циркулираа алфа и делта соеви.

Сузан Хопкинс од Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство вели дека сегашните упатства за петдневна изолација сè уште се разгледуваат.

– Знаеме дека поголемиот дел од пренесувањето кај возрасните се случува три дена пред почетокот на симптомите до пет дена потоа, и дека вирулентноста на омикронот го достигнува својот врв за пократок временски период отколку со претходните варијанти – вели Хопкинс.

kurir.mk

Претходно

Тодоровиќ и сопругата се спогодија за лажното сведочење во случајот „Талир“, добија условни казни

Следно

Ристовски контра Јакимовски за (не)изградбата на висококатницата во Карпош

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian