Нов рецепт од кујната на Дијана Иваноска: Солени крекери со пармезан и рузмарин

2 mins read

Животот навистина може да биде беспрекорно вкусен, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Неодолив летен десерт од Дијана Иваноска: Сочна торта со јагоди и бела чоколада

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Дијана Иваноска
Дијана Иваноска / Фото: Приватна архива

Таа денеска споделува рецепт за солени крекери со пармезан и рузмарин.

„Миризливи, зачинети превкусни крекери. Комбинацијата од рузмарин и пармезан ги прави овие крекери неодоливи. Се надевам ќе ги пробате“, вели таа.

Дијана Иваноска
Дијана Иваноска / Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

– 170 г брашно
– 90 г пармезан (рендан)
– 2 лажици свеж рузмарин (ситно исечкан, ако немате свеж, може да употребите и сув
рузмарин)
– 1/2 лажиче сол
– 1/4 лажиче бибер
– 113 г путер омекнат
– листиња магдонос, рузмарин, жалфија или други зачински билки (опционално)

Дијана Иваноска
Дијана Иваноска / Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во подлабок сад измешајте го брашното со пармезанот, рузмаринот, солта и биберот. Додадете го омекнатиот путер и замесете тесто. Ако не се спојува додадете многу малку ладна вода, лажиче по лажиче додека добиете мазно тесто. Оформете диск, завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер барем еден час. Загрејте ја рерната на 180 степени. Ставете го тестото врз хартија за печење и развлечете го. Дебелината на кората треба да биде 0,5 цм. Ставете од зачинските билки на повеќе места на тестото на оддалеченост од неколку цм. Ставете парче хартија за печење одозгора и нежно поминете со сукало да навлезат малку билките во површината на тестото. Со чаша исечете ги крекерите. Останатото тесто од страните спојте го одново и повторете ја постапката. Печете ги крекерите 10 до 15 мин или додека поруменат краевите. Оставете ги да се оладат и уживајте со чаша бело вино или пиво.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Тензии во соблекувалната на ПСЖ, Рамос спречил тепачка меѓу Мбапе и Нејмар

Следно

Отплови првиот брод со хуманитарна прехранбена помош за Африка од Украина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian