Панчев за „Индекс“: На ФФМ и треба помош од клубовите за младинскиот фудбал, репрезентацијата има успеси поради правилната селекција на Милевски

3 mins read

Најдобриот македонски фудбалер за 20 век, Дарко Панчев во интерју за хрватски „Индекс“ зборува за состојбите во македонскиот фудбал и причините за успесите на репрезентацијата како и за својата неверојатна фудбалска кариера, за Вардар и Црвена звезда, но и за фудбалот во поранешната СФРЈ, како и за можната регионална лига.

Панчев смета дека успесите на македонската репрезентација се должат на добрата работа во младинските категории како и на селекторот Благоја Милевски кој претходно беше селектор и на младата репрезентација со која во 2017 година играше на ЕП до 21 година.

– Тука нема некоја тајна. Основата на успехот, ако може така да се каже, на новата репрезентација се Адеми, Барди, Алиоски, Елмас играчи кои дојдоа од таа селекција и во голема мера го подобрија квалитетот на екипата. Екипа која беше правилно селектирана и одлично водена од страна на господинот Благоја Милевски донесе многу радости за македонскиот народ. Тие млади играчи играат во одлични европски клубови и имаат искуство на силни натпревари. Настапот на Евро 2020 и победата над Германија покажаа дека напредуваме, а исфрлањето на Италија од баражот за СП е доказ дека може да се носиме и со најсилните. За жал, клупскиот фудбал ни е далеку од репрезентативниот – вели Панчев во интевјуто за „Индекс“ во кое зборува и за клупскиот фудбал.

– Треба да се биде објективен и да се каже дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не може сама да го одржува клупскиот и репрезентативниот фудбал на потребното високо ниво. Кога зборуваме за тоа, квалитетот на домашната лига е многу важен. Пред се, неопходни се оптимални услови за работа со млади и талентирани играчи, тоа е основен предуслов за каков било резултат. Потекнувам од пионерската школа на Вардар која во тоа време функционираше блескаво и даваше играчи за првиот тим. Еден пример, сите наши тренери во тоа време:  Спасовски, Шулинчевски, Дојчиновски, Мојсов беа репрезентативци и одлични играчи. Јас го добив најдоброто од секој од нив. Одлични младински школи имаше низ цела Македонија, во Битола, Штип, Прилеп, Струмица…  ФФМ треба и мора да помогне да се создадат услови за напредок, но без посебен ангажман и правилна долгорочна политика на клубовите не е можно да се реализира тоа. Колку што знам, ФФМ прави солидна работа во врска со младинскиот репрезентативен фудбал и тоа дава резултати. Пред неколку години успешно ги поминавме квалификациите и настапивме на ЕП. Овие играчи денеска се носители на А репрезентацијата. Напорот е видлив, но нема доволно пари. Затоа клубовите мора да ја преземат својата одговорност и да помогнат – вели Панчев во дел од големото интервју за „Индекс“.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Наредена е обдукција на жртвите: Возачот изгубил контрола над воланот на „автобусот на смртта“

Следно

Дневен хороскоп за 7 август: Не дозволувате туѓите грижи да станат ваши

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian