Случај „Русковска – Муареми“: Заплетот сè покомпликуван, расплет ни на повидок

11 mins read

Конфликтот помеѓу обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција (УФП) Арафат Муареми ескалира откако Рускосвка завчеравечер, со драматично писмо побара помош од Амбасадата на САД и од Канцеларијата на ЕУ поради притисок во работата, а Муареми најави кривична пријава против неа за незаконит претрес во Управата.

Вчера имаше реакции од повеќе адреси, меѓу кои и од Здружението на обвинители кое јавно ја опомена Русковска дека непотребно го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

Згрозувачки е притисокот врз обвинители од функционери

Директорот Муареми вчера ја повика обвинителката Рускосква ако има со сознанија за сторен криминал, да ги докаже и да пласира обвинителен акт против него наместо да споделува неосновани информации.

Негонењето криминал поради притисоци е кривично дело, смета Муареми.

„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни кои ги повикувате за „помош“, да го потврдат и тие она што јавниот обвинител го утврди со надзорот врз вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има,“ напиша Муареми.

Завчеравечер Руковска отворено ги повика сите надлежни домашни и меѓународни институции „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.

Во писмото, таа побара во Македонија да дојде европската обвинителка Лаура Ковеши за да ги провери сите предмети на „нејзиното“ ОЈОГОКК, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зекири и најновиот за Муареми.

– Јас како обвинител со стаж над 34 години нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, постењето ги имам научено од мали нозе од моите родители кои се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум, и мајка ми, партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремски фронт… – раскажува Русковска.

Згрозувачки е, нагласува таа, притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешањето во предмет на ОЈО ГОКК, што е стриктно забрането.

– Ако Владата вистинска правна држава, а не правна држава прикажана со пи-ар преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина. Како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери? Поради овој атак и притисок врз обвинителите треба и амбасадите на САД и ЕУ сериозно да преземат мерки, затоа што ова најмалку доликува на членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ, каде владеењето на правото е императив. Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Не смее да владее волјата на некои сегашни или поранешни и функционери, за обвинители да замижуваат пред криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта – пишува Русковска.

УФП: Дали со претресот Рускосква сака да дојде до нашите предмети?

Реакцијата на Рускосвка следуваше откако директорот на УФП Муареми завчера најави дека до крајот на неделата ќе поднесе кривична пријава за обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа, при неодамна спроведениот претрес. Муареми брифираше дека постапката била незаконска и со низа нерегуларности, за што конкретни наоди дал и надзорот и увидот што ги извршило државното јавно обвинителство, по претставка од Муареми.

Од Управата објаснуваат дека кривичното дело фалсификување службена исправа е направено така што Обвинителството кога барало судот да издаде наредба за претрес дало погрешни податоци дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот всушност имало само анонимна кривична пријава со конкретни наводи, но без докази.

– ОЈО ГОКК до судот навело дека сум сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание и дека располага со докази за основано сомнение дека сум го сторил тоа. Тоа значи дека дека ОЈО ГОКК во моментот кога го поднесувало барањето за претрес располагало со информации и докази каква награда сум примил, од кого сум, за што, кога итн. Но, истото тоа обвинителство доаѓа и вади наредба за претрес за предметите оформени по поднесени анонимни кривични пријави од 2018 година до денот на претресот. Па, кога сум го сторил кривичното дело за коешто ОЈО ГОКК тврди дека има основано сомнение? – вели Муареми.

Од УФП прашуваат дали претресот е начин Рускоска да дојде до предметите што Управата ги работи, само за да види за кого се водат постапки? Додаваат и дека во изминатиот период тие до ОЈО ГОКК доставиле кривични пријави поткрепени со докази, за кои до денес нема информација до која фаза се, како на пример три кривични пријави за Општина Карпош, кривична пријава за Фудбалска федерација, за Министерство за транспорт и врски, за Министерство за финансии, за АД Те-То и за други случаи.

Здружение на обвинители: Нема семоќни обвинители

Здружението на јавните обвинители вчера остро реагираше на отвореното писмо од Русковска. Со зачуденост го проследиле дописот, а нема ниту една причина за таков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што Русковска и другите обвинители од ОЈОГОКК никогаш не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност.

„Меѓутоа, при постапувањето во предметите и тие мора да се водат од начелата на законитост и правичност. ЈО е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себеси за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола има цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката,“ велат од Здружението.

ЈО, додаваат, има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој предмет, без да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации.

Деновиве многу правници и адвокати на социјалните мрежи го коментираат драматичниот судир меѓу институциите што треба да го гонат криминалот и корупцијата. Некои овој заплет го доведуваат во контекст со чистење на теренот пред стапувањето на должност на новата амбасадорка на САД, Анџела Прајс, која веќе најави дека ќе ѝ помогне на Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните функционери.

Поранешниот судија Владимир Туфегџиќ напиша дека ваков јавен конфликт помеѓу две клучни институции за борба против корупцијата е, пред сѐ, општествено опасен.

– Во мојата речиси 30-годишна адвокатско судиска кариера, памтам неколку тивки и скриени од јавноста конфликти на битни функционери кои завршувале со тивки „повлекувања“ од функцијата, што од лични, што од здравствени причини. Во тогашниот „гнил“ општествен систем постоел механизам и авторитет да го артикулира конфликтот и да не дозволи да излезе надвор од контрола, со што ќе предизвика штета за државата. Бидејќи државата очигледно нема таков механизам и авторитет, овој конфликт ги има сите предиспозиции да ескалира, еден ќе загуби, а другиот ништо нема да добие. Конечно, овој отворен конфликт и сериозните меѓусебни обвинувања на првите луѓе на овие институции ги компромитира и ги доведува во прашање непристрасноста во активните кривични предмети пред надлежниот суд, како и тие по кои во моментот се постапува – напиша адвокатот Туфегчиќ.

Хронологија на настаните

На 18 јули, Обвинителството за организиран криминал и корупција влезе во Управата за финансиска полиција, кај директорот Арафат Муареми во предистражна постапка, а Русковска рече дека наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот. На 25 јули директорот Муареми ја пријави Русковска кај државниот обвинител Љубомир Јовески. На 28 јули Муареми побара од Судскиот совет разрешување на одговорност на судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ, кој ја дал наредбата за претрес на Финансова полиција на барање на Русковска.

На 1 август државниот обвинител Јовески по пријавата на Муареми соопшти дека утврдил оти Русковска дала наредба за незаконски претрес во Финансиска полиција, давајќи му претходно погрешни информации на судијата на претходна постапка за да ја обезбеди наредбата. На тоа Русковска кажа дека нит државниот обвинител ниту вишите јавни обвинители имаат право да се мешаат во работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Меган Маркл наполни 41 година: Роденденската честитка од Кејт и Вилијам предизвика бура на социјалните мрежи

Следно

Твитер за Маск: „Лаже и измислува изговор за раскинување, веќе не сме му привлечни“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian