Рускиот суд ја осуди американската кошаркарка Грајнер на девет години затвор

4 mins read

Американката Бритни Грајнер, која е една од најдобрите кошаркарки на денешницата е осудена на девет години затвор во Русија поради поради шверц и поседување на забранети супстанци.

Во одлуката со која ја прогласи за виновна, судот наведе дека 31-годишната Грајнер, двократна олимписка шампионка, делото го сторила „намерно“, иако во нејзиното обраќање ја призна вината, но тврдеше дека не го сторила тоа намерно.

Рускиот обвинител побара девет и пол години затвор, а максималната можна казна за ова дело е 10 години затвор и исто така побара кошаркарката да биде казнета и парично со еден милион рубљи (околу 16.000 евра).

– Барам Грајнер да биде прогласена за виновна и осуден на девет и пол години затвор – побара обвинителот Николај Власенко во завршните зборови.

Бритни Грајнер беше уапсена на 17 февруари на московскиот аеродром Шереметјево, неколку дена пред почетокот на руската инвазија на Украина, откако во нејзиниот багаж беше пронајдено масло од канабис во патрони за електронски цигари.

– Никогаш не сум сакала никого да повредам, никокогаш немав намера да ги загрозам руските граѓани и никогаш немав намера да ги прекршам законите. Направив искрена грешка и се надевам дека вашата проценка нема да го заврши мојот живот овде. Знам дека сите постојано зборуваат за политички пиони и политика, но се надевам дека тоа е далеку од оваа судница. Сакам уште еднаш да кажам дека немав намера да ги прекршам руските закони. Не планирав да го извршам овој криминал – рече Грајнер.

За време на судењето Грајнер изјави дека преведувачот не и ги објаснил добро нејзините права кога била уапсена. За време на сведочењето пред судот, Американката изјавила дека аеродромската полиција ја однела во просторијата за време на контролата на багажот во моментот кога била исцрпена од 13-часовниот лет од Аризона до Москва бидејќи се опоравувала од ковид-19.

Грајнер исто така изјави дека не и биле објаснети нејзините права, ниту и бил овозможен пристап до адвокат и дека и било наредено да ги потпише документите без да објасни што пишува во нив. Таа исто така на судењето изјави дека добила преведувач дури два дена по апсењето и дека дури потоа и било дозволено да му ги предаде личните работи на адвокатот.

Нејзиното судење се забрза во последните денови, бидејќи Русија и САД започнаа преговори за размена на затвореници во која и кошаркарката би била дел од истата. Веднаш по пресудата се огласи и претседателот на САД, Џо Бајден.

– Денеска нашата државјанка Бритни Грајнер доби затворска казна, што е уште еден показател за тоа што го знае целиот свет – дека Бритни била неправедно затворена. Оваа пресуда е неприфатлива и барам од руските власти веднаш да ја ослободат, за да може да се врати кај сопругата, семејството, пријателите и соиграчите. Мојата администрација ќе продолжи да работи неуморно и ќе ги користи сите расположливи средства за да ги врати Бритни и Пол Вилан безбедно дома што е можно поскоро – рече Бајден.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Француската влада ги објави плановите да назначи амбасадор за правата на ЛГБТ+

Следно

Мажот кој го застрела шетачот на кучиња на Лејди Гага осуден на четири години затвор

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian