Прославата на Илинден ќе се врати во „Прохор Пчински“

7 mins read

Претседателот Стево Пендаровски завчера се заблагодари што е ставена нова спомен-плоча во дворот на манастирот и повика да се вратат и другите обележја од времето на Првото заседание на АСНОМ.

Ова да е само почеток на една добра традиција, а оттука натаму за нашиот втор Илинден да доаѓаме тука, да го прославуваме со сите нишани, да оддадеме почит на оние што ја формирале македонската држава во 1944 година.

Ова го изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски завчера, во дворот на манастирот „Прохор Пчински“ во Србија, во рамките на одбележувањето на македонскиот национален празник, Денот на републиката – 2 Август. Тој посака отсега, па натаму секој Илинден повторно да се одбележува во „Прохор Пчински“.

– Ова е местото каде што е одржано историското заседание на АСНОМ. Од различни причини не можевме да прославуваме тука, па правевме некакви алтернативни, паралелни прослави во близина. Меѓу црквите постоеја одредени проблеми што се разрешени од мај годинава, и тоа треба да го искористиме за дополнително да го зацврстиме црковното и државното пријателство меѓу двете држави и двата народа – рече Пендаровски.

Тој не верува, а такво уверување доби од домаќините, дека ова се случува само сега и дека е ПР-настан со кој сакаат само да се пофалат.

– Не, ова треба да биде камен-темелник на новите односи, бидејќи, ако не ги почитуваме нашите и нивните свети места, немаме никаква иднина во билатералните односи – рече претседателот Пендаровски кој се поклони пред обновената спомен-плоча на Првото заседание на АСНОМ.

Селаковиќ: Србија е решена на добрососедство и заеднички живот со соседите

И неговиот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, кој во „Прохор Пчински“ ја предводеше српската државно-црковна делегација, порача дека Србија е решена да ја зајакне политиката на добрососедство, соработка и заеднички живот со соседите.

– Така, како што е и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, која претседателот Александар Вучиќ ја иницираше со премиерите на Македонија и Албанија, се обидуваме да покажеме колку духот на толеранција и пријателство е нешто што секогаш ќе го надмине духот на нетолеранција и непријателства – рече Селаковиќ.

Претседателот Пендаровски завчера се заблагодари што е ставена нова спомен-плоча во дворот на манастирот и повика да се вратат и другите обележја од времето на заседанието на АСНОМ. Тој потсети дека Скопје и Белград имаат стар договор од 2000 година за културно-споменични обележја и најави дека тој може да послужи како добра правна основа за брзо да се направи работна група, со цел, како што рече, „следниот пат да ги имаме сите оние обележја што ги имало ова место во времето кога било одржано историското заседание“.

– Ова треба да биде камен-темелник на новите односи, и во таа смисла, ако не ги почитуваме светите места, наши и нивни, од нашето минато, мислам дека немаме никаква иднина во билатералните односи. Меѓутоа, морам уште еднаш да ги пофалам и да им оддадам почит на српските домаќини, затоа што за рекордно кратко успеаја да направат нова плоча со првичниот текст затоа што оригиналната плоча не можеа да ја најдат – рече Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ: Таблата не е на оригиналното место

Претседателот Пендаровски, како и сите македонски и српски медиуми, за посетата на манастирот известија дека се случува по пауза од 18 години. На тоа вчера реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека не е точно и потсети дека македонска делегација последен пат била во „Прохор Пчински“ во 2009 година, предводена од поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјаноски.

– Им благодариме на пријателите од Србија за гестот со посетата на претседателот Стево Пендаровски на манастирот Свети Прохор Пчињски. Сепак, претседателот на Македонија бил должен да знае дека последен пат на ова историско место бил претседателот на Собранието, Трајко Велјаноски, во 2009 година, а не така како што беше кажано! Освен тоа, протоколот на нашата држава наместо да прикажува нереални дипломатски достигнувања и наводни несекојдневни успеси, требало да биде информиран дека таблата пред која денес се поклонија претставниците на нашата држава, ниту е оригиналната табла, ниту е на местото на кое треба да стои! – велат од партијата.

Во март годинава Српската православна црква на чело со патријархот Порфириј ја прифати автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со што се овозможи и повторното чествување на АСНОМ на неговото историско место.

Традицијата беше прекината во 90-тите години

За време на поранешната држава СФРЈ, македонската делегација го славеше празникот во спомен-соба во самиот манастир, а традицијата беше прекината во 90-тите години на минатиот век, откако СПЦ забрани македонска делегација да чествува во „Прохор Пчински“. СПЦ ја претвори спомен-собата на АСНОМ во трпезарија, а оригиналната спомен-плоча ја премести надвор од кругот на манастирот. Потоа следуваше грдиот чин на радикалот Воислав Шешељ, кој ја скрши спомен-плочата порачувајќи дека „нема причина Македонците да го слават својот национален празник на српска територија“. Во 2009 година, тогашниот претседател на Србија, Борис Тадиќ побарал да се врати плочата на ѕидовите на манастирот, но, како што пишуваат српските медиуми, никој не можел да ја најде.

Од 2004 година, Македонија годишнината од АСНОМ ја одбележува во Меморијалниот центар Пелинце, кој е на неколку километри од манастирот „Прохор Пчински“, а кој беше отворен по повод 60-годишнината во АСНОМ. Во манастирот во Србија во последната деценија немаше официјална посета на македонска државна делегација.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 4 август: Некој се обидува да ве убеди во своите добри намери

Следно

Во Виена денеска продолжуваат разговорите за иранската нуклеарна програма

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian