Актерката Елен Баркин прозборе за нејзината врска со Џони Деп во изјава на неговото судење за клевета против поранешната сопруга Амбер Херд која досега не беше достапна за јавноста, пренесува „Daily Mail“.
Баркин открила дека на почетокот мислела дека Деп е многу шармантен, но како што вели „повеќето насилници се такви“ на почетокот. Таа додала дека пред нивниот прв сексуален однос, актерот ѝ дал одреден вид на дрога, прашувајќи ја дали сака да има секс со него.

Баркин раскажа дека го запознала Деп во 1990 година и дека била блиска со него 10 години, нивната врска завршила кога тој ѝ фрлил шише вино во хотел во Син Сити.
„Тој вика, вербално малтретира, тие работи можете да ги видите“, рекла актерката и додала дека кога Деп бил во близина, секогаш имало врева. Таа тврди дека славниот актер со презир гледал на луѓето за кои сметал дека се „под него“ и дека еднаш својата асистентка ја нарекол „свиња“.

„Поголемиот дел од времето беше пијан“
Таа изјавила и дека секогаш била свесна дека Деп пие премногу алкохол.
„Поголемиот дел од времето беше пијан, а најмногу сакаше да пие црвено вино“, се присети актерката.
Елен тврди дека го видела и како користи кокаин, марихуана и халуциногени дроги. Таа додала дека за време на нивната врска имало многу љубомора и актерот ѝ рекол да не прави одредени работи.
„Тој е љубоморен човек, контролира каде одите, со кого одите, што сте правиле минатата ноќ. Еднаш имав гребнатинка на грбот што многу го налути бидејќи мислеше дека тоа е резултат на секс со друга личност“, рече таа.