Хрватска и Србија ја одбележуваат 27-годишнината од операцијата „Олуја“

3 mins read

На денешен ден пред 27 години започна воено-полициската операција „Олуја“, чија годишнина во Србија се одбележува како Ден на сеќавање на жртвите и прогонетите Срби, а во Хрватска како Ден на победата и татковинската благодарност, пишува српски „Недељник“.

Во Србија се одбележува 4 август, денот кога започна офанзивата на хрватската војска и полиција и единиците на Хрватскиот совет за одбрана на областите Банија, Кордун, Лика и северна Далмација, односно на поранешната Република Српска Краина. Во воено-полициската акција „Олуја“ загинаа речиси 2000 Срби, а скоро 220 илјади беа протерани.

Во Хрватска како државен празник се слави 5 август, денот кога акцијата „Олуја“ заврши со влегување на хрватската војска во речиси напуштениот Книн и подигање на хрватското знаме на тврдината. Така, последните делови од територијата што ги држеле припадниците на српските воени единици биле вратени под хрватска управа. Од 2000 година тој ден се слави и како Ден на вооружените сили на Хрватска.

Централната манифестација по повод Денот на сеќавањето на прогонетите и жртвите од акцијата „Олуја“ ќе се одржи вечерва на Плоштадот на слободата во Нови Сад, а на неа ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Во Хрватска централната манифестација по повод годишнината од акцијата „Олуја“ ќе се одржи годинава на 5 август во Книн, во присуство на државниот врв и со целодневна програма. Во пресрет на прославата, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, во својство на врховен командант на вооружените сили, вечерва приредува свечен прием во Книн, на кој ќе им додели одликувања и унапредувања на припадниците на вооружените сили, пишува „Индекс“.

Според податоците на Комесаријатот за бегалци и миграција на Србија, за време и по акцијата „Олуја“, протерани се околу 200.000 Срби, околу 1.700 загинале, а повеќе од 700 уште се водат како исчезнати.

Според податоците на Центарот за документација и информации „Веритас“, околу три четвртини од жртвите биле на возраст над 60 години, а меѓу жртвите имало над 550 жени.

Според проценките на хрватските невладини организации и здруженија за време и по акцијата, загинале повеќе од 600 цивили, а изгореле над 22.000 куќи, а околу 150.000 нејзини граѓани ја напуштиле Хрватска, чие враќање беше систематски тешко и невозможно со години.

Хашкиот трибунал обвини тројца хрватски генерали, Анта Готовина, Иван Чермак и Младен Макрац, за злосторства врз цивили во акцијата „Олуја“. Готовина и Маркач биле осудени на 24, односно 18 години затвор, но по нешто повеќе од една година беа ослободени.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Зеленски: Однесувањето на Шредер е одвратно

Следно

Македонскиот шампион соопшти дека слетал 300 километри од Даблин – само на албански јазик

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian