Американската кошаркарка Бритни Грајнер во Русија осудена на девет години затвор, остри реакции од САД

3 mins read

Американската кошаркарка Бритни Грајнер денеска пред рускиот суд во Химки е осудена на девет години затвор поради поседување и шверц на дрога.

-Судот ја прогласи обвинетата за виновна за илегално поседување и трговија со значителна количина дрога“ изјави судијката Ана Сотникова. Судијката рече дека обвиненијата за поседување и трговија со дрога се докажани на судењето и оти времето поминато во притвор ќе се пресмета во казната на Грајнер.

Грајнер во притвор е од 17 февруари, кога беше приведена на руски аеродром откако властите во нејзиниот багаж пронајдоа помалку од еден грам хашиш-масло. Грајнер, исто така, е казнета и парично, во износ од еден  милион рубљи, што е приближно 16.300 долари.

Претходно денеска руското обвинителство побара затворска казна од девет и пол години, додека одбраната побара ослободување.

Сопругата на Грајнер, кошаркарките од нејзиниот тим, соиграчките од ВНБА, како и спортисти од сите спортови, веднаш упатија остри реакции и побараа нејзино ослободување.

Реакција веднаш дојде и од американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека пресудата на рускиот суд е неприфатлива и ја повика Москва веднаш да ја ослободи.

„Денеска, американската државјанка Бритни Грајнер беше осудена на затвор, што е уште еден потсетник на она што светот веќе го знаеше: Русија погрешно ја затвора Бритни“, нагласи Бајден во изјавата.

Тој додаде дека тоа е неприфатливо и ја повика Русија веднаш да ја ослободи Грајнер, „за да може да биде со партнерката, саканите, пријателите и соиграчите“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, исто така упати критики по повод пресудата и рече дека тоа „дополнително ја зголемува неправдата од нејзиниот незаконски притвор“ и ја зголемува американската загриженост за „рускиот правен систем и употребата на погрешни притвори од страна на руската влада заради унапредување на својата сопствена агенда, користејќи поединци како политички пиони“.

Правникот тим на 31-годишната кошаркарка најави дека ќе се жали на пресудата, истакнувајќи дека Судот ги игборирал сите докази што тие ги доставиле.

„Многу сме разочарани од пресудата. Како правни професионалци, сметаме дека судот треба да биде праведен кон сите без разлика на националноста. Судот целосно ги игнорираше сите докази на одбраната и што е најважно признавањето на вината“, се вели во соопштението.

„Ова е во спротивност со постојната правна практика. Имајќи ја предвид количината на супстанцата (да не зборуваме за недостатоците при експертизата) и изјаснувањето, пресудата е апсолутно неразумна. Сигурно ќе поднесеме жалба“, додаваат тие. (МИА)

kurir.mk

Претходно

Мажот кој го застрела шетачот на кучиња на Лејди Гага осуден на четири години затвор

Следно

Киргиос: Заслужувам да бидам во Топ 5 на АТП ранг-листата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian