Пицата претставува гастрономски специјалитет на италијанската кујна, најчесто направен од тенко, округло тесто на кое покрај сосот од домати можат да се најдат разни видови сирење, месо, зеленчук, овошје, зачини и други состојки во зависност од вкусот. Инвентивноста на вкусот може да се надополни и со креативноста на распоредот на самите состојки на пицата.
Инаку, ова јадење се смета како особена карактеристика за наполитанската кујна.
Потеклото на пицата е доста контроверзна тема. Имено, многу градови како Неапол и Џенова сметаат дека се „татковците“ на пицата. Всушност, со оглед на тоа дека се работи за еден вид на леб, таа е присутна во многу различни варијанти насекаде низ светот и во зависност од нејзините состојки како и од локалните гастрономски традиции, нејзиното потекло не е сосем историски потврдено.
СОСТОЈКИ:
– брашно 300 гр
– млака вода 150 мл
– свеж квасец 20 гр
– маслиново масло 20 мл
– Гауда сирење 150 гр
– домати 250 гр
– доматно пире 250 мл
– суво оригано по вкус
– сол по вкус
ПОДГОТОВКА:
Иситнете го свежиот квасец, додајте млака вода, брашно, маслиново масло и сол и замесете мазно тесто. Обликуваното тесто, префрлете го во подмачкан плех и оставете го да отстои 15 минути. Потоа на тестото намачкајте од доматно пире, посипете со рендано сирење Гауда, одозгора наредете прстени од домати и посипете со оригано. Печете 20 минути на 200 степени.
Добар апетит!