Нов закон за буџети: Парите ќе бидат врзани со успехот, ќе има и фискален совет

4 mins read

Среднорочното проектирање и буџетирање, интегрираниот информатички систем за финансиско управување ИФМИС, како и воведувањето Фискален совет и фискални правила и принципи, се главните реформи предвидени во новиот реформски Закон за буџети, кој помина на второ читање во Собранието и се очекува набрзо да се разгледува и на пленарна седница. Новиот Закон за буџети е ’рбетот на „смарт-системот“ на јавни финансии, пишува во својата колумна министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој објаснува како средствата во буџетот ќе се распределат таму каде што даваат најголем ефект во постигнување на целите за повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните

„Со Законот се воведува буџетирање базирано на успешност, преку воведување и следење индикатори за успешност, со цел да се подобри ефикасноста и ефективноста на јавните расходи преку поврзување на трошоците во јавниот сектор со резултатите. Буџетирањето базирано на резултати има за цел да осигури дека клучните носители на одлуки и креатори на политики систематски ќе ги земат предвид резултатите што треба да се постигнат со реализација на расходите“, пишува Бесими.

Во Законот за буџети се дефинираат и фискалните правила, буџетскиот дефицит на ниво до 3 проценти од бруто-домашниот производ, додека јавниот долг на ниво од 60 проценти, кој всушност според нова методологија се смета за долг на општа власт (државата и општините), додека гарантираниот долг за јавните претпријатија и други институции од јавниот сектор што не се буџетски корисници се ограничува до 15 проценти од бруто-домашниот производ. Исто така, се уредува воведувањето на фискалниот совет.

– Фискалниот совет има за цел независно да ја оценува фискалната политика, стратегиите и нивното спроведување, како и макроекономските и буџетските проекции. Советот ќе биде составен од 3 члена – експерти од областа на јавните финансии, макроекономијата или економијата, предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка, а ќе ги избира Собранието – посочува министерот Бесими.

Една од најважните реформи што ги носи новиот Закон за буџети е современиот Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС). Главната цел на ИФМИС е подобрување на ефикасноста и транспарентноста на работењето преку поврзување на постојните фрагментирани системи на централизирана веб-базирана платформа. Новиот Закон за буџети е предвидено да почне со примена од  почетокот на 2023 година, со исклучок на одредени одредби што се однесуваат на Фискалниот совет, стратешкото планирање, макроекономските проекции, фискалната стратегија, внатрешната финансиска контрола и ИФМИС организациска единица за реформа на законот за буџети, кои ќе се применуваат со влегување во сила на Законот.

СДСМ: Владата ќе поддржи 280 компании

Владејачката СДСМ најави потпишување нови 280 договори за поддршка со компании што влегуваат во инвестициски циклуси од околу 145 милиони евра. Овие компании ќе креираат повеќе од 3.700 работни места во наредните 5 години. Само во 2021 година овие 280 компании инвестирале околу 50 милиони евра и создале повеќе од 1.500 нови работни места.

– Со Законот за финансиска поддршка во изминатите четири години на домашните компании им се дадени повеќе од 50 милиони евра. Станува збор приближно 600 компании, од кои 80 отсто имаат домашен капитал. На овој начин се реализира заложбата на Владата предводена од СДСМ, домашните компании да бидат третирани исто како и странските компании – соопшти портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија со прашање дали најавената помош за економијата ќе ја добијат тендер-милениците на СДСМ и таа ќе заврши на сметките на неколку фирми блиски до нив, кои се и редовни добитници на државните тендери.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Елтон Џон за Мајкл Џексон: Беше ментално болна, вознемирувачка личност

Следно

Во Европа одобрена вакцина: Данската „имванекс“ против мајмунски сипаници

Latest from Blog

Д-р Петличковски за кичевчанецот суспектен на мајмунски сипаници: Немаме законска можност да го присилиме да се тестира, очекуваме да му проработи совеста

Здравствените власти мака мачат да обезбедат примерок за тестирање од првиот суспектен случај на мајмунски сипаници

MacedonianEnglishAlbanian