Македонија го совлада и Иран, кадетките против Шведска и Исланд за четвртфинале на СП

2 mins read

Кадетската женска репрезентација на Македонија ја забележа и третата победа на Светското првенство кое се одржува во нашата земја.

Во рамките од групата „Б“ со конечни 31:19 успеавме да го совладаме и Иран во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје. На конечната табела Македонија го освои првото место со шест бодови, пред Иран со четири, два освои Сенегал, а ниту еден Узбекистан.

После 18 минути игра во првото полувреме резултатот на семафорот стоеше 4:4, а потоа Македонките влегоа во подобар период. Благодарение на добрата одбрана и поголемата храброст во нападот се направи разлика од плус три (9:6).

После пет минути игра во вториот дел водевме со уште поголема позитива (15:9), Чурлиновска на голманската позиција одбрани два напади кои беа клучни за овој расплет на настаните. Со неколку контра напади стигнавме и до двоцифрено водство од „плус 10“ во 47 минута од натпреварот и победникот веќе беше решен.

Најефикасна во нашите редови беше Дукоска со шест голови, а два помалку запиша Ризоска. После овој нов триумф на СП, сега избраничките на селекторот Љубомир Савевски целат кон пласман во четвртфиналето.

– Резултатот е поголем од квалитетот што го покажавме. Сè уште не играме како што сакаме и како што тренираме. Но, нашата денешна одбрана функционираше подобро од претходно. Сега треба да се фокусираме и да дадеме сè од себе на мечот против Шведска – рече Савевски по мечот со Иран.

Македонските ракометарки ќе пренесат два бода во главната рунда во која ќе ги одмерат силите против Шведска и Исланд. Во нашата нова група Македонија и Исланд имаат по два бода, а со нула ќе стартуваат Шведска и Иран. Првопласираните две репрезентации ќе обезбедат пласман во четвртфиналната фаза.

На 3 август (среда) од 20.30 часот ќе играме против Швеѓанките, а два дена подоцна (5 август, петок) во истиот термин ќе се соочиме со Исланѓанките.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Адеми и Ристовски слават во Разград, Динамо поблиску до плеј-офот во ЛШ

Следно

ВИДЕО | Кутрето Ривер првпат се гледа во огледало: Тоа што го виде го преплаши

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian