Мајмунските сипаници сè поголема закана: Пет работи што треба да ги знаете за болеста

6 mins read

Мајмунските сипаници се пренесуваат од човек на човек, а научниците предупредуваат дека не се загрозени само високоризичните групи на луѓе. Заразата се шири преку близок контакт, вклучително и интимен контакт.

Според нив, болеста се шири и преку капки и контакт лице в лице со заразено лице. Еден од симптомите на мајмунските сипаници е специфичниот осип на кожата. Лекарите откриваат пет работи што граѓаните треба да ги знаат.

Меурчиња опкружени со црвенило

На кожата се појавуваат мали лезии, како мозолчиња. Од овие меурчиња се формираат чирови, по што настануваат красти.

Американската академија за дерматологија наведува дека осипот може да се појави насекаде на кожата, вклучувајќи го и лицето и екстремитетите. „Мајмунските сипаници може да изгледаат како плускавци на воспалениот дел на кожата“, рекла д-р Кристин Ко, професорка по дерматологија на Универзитетот Јејл.

Таа додава дека црвенило и осип се појавуваат и во пределот на гениталиите и на препоните. „Погодената област на кожата може да изгледа како оток со црвенило“, додава д-р Ко.

Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) наведува дека мајмунските сипаници траат две до четири недели, а луѓето се заразни „сè додека осипот целосно не заздрави и не се формира нов слој на кожа“.

2. Отечени лимфни јазли во комбинација со осип

Клучна карактеристика на мајмунските сипаници и знак што помага да се разликуваат мајмунските сипаници од многу други вирусни болести е присуството на болни, отечени лимфни јазли.

Лимфните јазли кај пациентот се зголемуваат, обично во текот на периодите на зголемена телесна температура. Можат да бидат зголемени и неколку дена пред појавата на каков било осип.

„Црвенило во препоните или пределот на гениталиите со болни отоци, тоа се лимфни јазли. Може да се појави и ректална болка“, вели д-р Ко. Лекарите повикуваат на самоконтрола и проверка на кожата пред да стапат во интимни односи.

3. Не секое меурче на кожата е симптом на мајмунски сипаници

Лекарите апелираат до граѓаните да не паничат. Иако мајмуните сипаници се глобална закана, повеќето промени на кожата нема да бидат симптом на оваа болест.

Тие наведуваат болести кои се слични, но не се мајмунски сипаници:

Булозно импетиго – површна бактериска инфекција на кожата со плускавци покриени со красти.

Габични инфекции со плускавци – розови осипи што се лупат. Повремено, габичната инфекција може да предизвика осип со меурчиња.

Сифилис – осипот може многу да личи на мајмунски сипаници. Овие сипаници може сексуално да се пренесуваат, но и други полово преносливи болести како сифилис, гонореја или кламидија исто така може да се пренесат при контакт.

Контактен дерматитис – иритантниот и алергискиот контактен дерматитис понекогаш предизвикува плускавци на кожата

Други вирусни инфекции – херпес, варичела (вирус што предизвикува сипаници), вирус молускум (често се гледа кај децата) и болеста рака-стапало-уста (вирус од родот Ентеровирус) се многу почести вируси, кои можат да го имитираат осипот од мајмунски сипаници.

Фоликулитис – инфекциите на фоликулите на косата може да развијат плускавци и може да изгледаат како мајмунски сипаници.

Научниците предупредуваат дека е важно да се обрне внимание на осипот со меурчиња. Ако се појави, контактот со луѓе треба да се сведе на минимум додека лекарот не утврди за што се работи, пишува „Еј-би-си њуз“.

„Не треба да паничите бидејќи веројатно е во прашање нешто друго. Сомнежот е оправдан доколку имате отечени лимфни јазли“, вели д-р Ворен Хејман, професор по медицина и педијатрија и шеф на Одделот за дерматологија на Медицинскиот факултет Купер при Универзитетот Роуан.

4. Заразата може да се прошири дури и без осип

„На почетокот на појавата на мајмунските сипаници, никој не беше подготвен за вистинско тестирање. Сега ситуацијата е поинаква“, рекол Хејман, додавајќи дека сега се достапни тестови слични на оние за ковид-19.

ЦДЦ наведува дека има околу 2.900 случаи на мајмунски сипаници во САД, но експертите предупредуваат дека бројот може да биде многу поголем бидејќи има случаи што не се пријавени.

„Многу вируси, вклучително и мајмунските сипаници, можете да ги пренесете на други луѓе на самиот почеток, кога ќе се појават првите симптоми“, објаснила Ко.

ЦДЦ наведува дека „луѓето кои немаат симптоми на мајмунски сипаници не можат да го пренесат вирусот на други“, но експертите предупредуваат дека не секој ќе ги препознае раните знаци на мајмунски сипаници.

„Не е докажано дали асимптоматските луѓе можат да пренесат мајмунски сипаници, но познато е дека други вируси, дури и SARS-COV-2, можат. Потребни ни се повеќе студии за актуелната епидемија на мајмунски сипаници“, вели Ко.

5. Осипот се појавува на различни делови од телото

Раните описи на мајмунските сипаници опишуваат осип што се јавува во препоните. Меѓутоа, експертите предупредуваат дека мајмунските сипаници се системска вирусна болест со промени на кожата што можат да се појават насекаде, вклучувајќи ги и очите.

Д-р Ко наведува дека дерматолозите сè уште учат за различните начини на кои може да се појават мајмунските сипаници на кожата, вклучувајќи различни осипи на препоните. Лекарите предупредуваат дека треба да се посомневате во мајмунски сипаници во моментот кога на кожата ќе почнат да се појавуваат напнати меурчиња.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Алжир заинтересиран за придружување во БРИКС

Следно

Јавното обвинителство констатираше низа неправилности во постапката против Управата за финансиска полиција

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian