Партиски препукувања: Чуму референдум?

4 mins read

ВМРО-ДПМНЕ смета дека референдумот е можност да се чуе народот, па ја повикува власта и сите политички партии да ја поддржат иницијативата.

-Ако власта верува дека концептот за бугаризација и асимилација кој го турка е исправен, тогаш зошто има проблем да излезе на референдум и да го промовира тоа? Зошто се плаши власта да му даде можност на народот да одлучи? Потегот на Стево Пендаровски да го поддржи референдумот е добар почеток, и се надеваме дека тоа ќе го следи и СДСМ и останатите партии од власта, сметаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку не добијат поддршка од СДСМ и другите партии од власта, ВМРО-ДПМНЕ тоа го толкува како страв од народот и со сила ќе се обидат „да го протуркаат концептот за бугаризација и асимилација, за само да останат ден повеќе на власт“.

-Власта има можност да покаже разум, и да го прифати референдумот. Народот е тој кој одлучува, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Повикот за референдум владејачката СДСМ го толкува како деструктиван политика на „антиевропската ВМРО-ДПМНЕ“.

-Христијан Мицкоски самиот јавно кажа дека е против Европската унија. Во тоа тој е осамен и изолиран со единствена поддршка од неговиот партнер Димитар Апасиев со кого заедно одбработуваат за туѓи интереси. Граѓаните гледаат дека тие анти ЕУ изјави почнуваат да доминираат во секој настап на Христијан Мицкоски, откако му паднаа во вода сите лаги, блокади и крвави сценарија, сметаат од СДСМ.

Според оваа партија проблемот на Мицкоски е што земјата почна преговори со ЕУ, со заштитен македонски јазик во Унијата и заштитени идентитетски, културни и јазични посебности на македонскиот народ.

-Референдумот кој го најавува Мицкоски, а за кој не ја знае ниту формата, ниту прашањето служи само за лична внатрепартиска употреба, откако му пропаднаа сите обиди преку насилство, блокади и крвави сценарија да ја закочи и дестабилизира државата. Референдумот на Мицкоски против македонски јазик во ЕУ, против преговори со ЕУ, нема да успее, граѓаните уште еднаш ќе ги поразат деструктивните политики на антиевропската ВМРО-ДПМНЕ, заклучува СДСМ како реакција на соопштението кое утрово го испрати до медиумите опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот за референдумско прашање го даде Пендаровски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека консултациите со експертите и внатре во партијата за референдумското прашање „конвертираат” кон она што го кажа и претседателот Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, е за задолжителен референдум.

Претседателот Стево Пендаровски предложи  – доколку се одржи референдум тогаш референдумското прашање да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?”.

-Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?”. Без спомнување договори, точки… Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат,  изјави Пендаровски во интервју за „Фокус“.

Од друга страна премиерот Димитар Ковачевски порача дека Собранието веќе донело одлука државата да продолжи по патот на евроинтеграциите, со прифаќањето на францускиот предлог одржана е првата меѓувладина конференција, македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка, а прашањето за референдумот е за внатрешно-партиска употреба на ВМРО-ДПМНЕ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Рачниот часовник на Адолф Хитлер продаден на контроверзна аукција за 1,1 милион долари

Следно

Петиција: „НЕ“ за целосно затворање на кејот кај Карпош

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian