Нема ништо спорно во содржината на уставните измени, вели Маричиќ: Сега сѐ е во наши раце

4 mins read

Сега сѐ е во наши раце и тоа е добро, не зависиме од која било друга држава и мислам дека ако мудро, умно и одговорно се постави секој пратеник и секоја политичка партија процесот на уставни измени ќе може да се направи до крајот на скринингот, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Зборувајќи за уставните измени кои се клучни за продолжување на преговорите со Унијата, Маричиќ денеска во интервју за ТВ Телма рече дека времетраењето на скринингот, кој тој очекува да трае 16 месеци, дава доволно простор да се отвори дијалог со политичките партии, и со пратениците за да се види кога би било тоа „најлогично и најсоодветно да се направи“.

„Мислам дека треба да се отвори една суштинска дискусија којашто ќе нè одведе и во содржината на уставните измени, којашто мислам дека не е спорна, бидејќи треба да дополниме во Преамбулата и во уште еден амандман, неколку заедници коишто не се спомнати во Уставот, за поддржување на нашите европски интеграции“, рече Маричиќ.

Според него, имаме позитивно ниво за да го почнеме и да го завршиме скринингот успешно, бидејќи сме на исто рамниште или во некои делови и подобри од оние земји кои преговараат веќе десет години.

„По нашите анализи, степенот на усогласеност е некаде околу 45 проценти, што не е малку и е навистина на добро ниво. Постојат области каде што сме на исто рамниште дури и подобри од државите кои преговараат, на пример Кластерот „Темелни вредности”, таму сме први во регионот, подобри и од државите кои веќе десет години преговараат. Секако има области, како што е внатрешен пазар, каде што имаме многу работа и каде што допрва треба да се усогласуваме“, рече Маричиќ.

Тој објасни и дека во Секретаријат за европски прашања секоја година се прави детална анализа на секој Извештај и оти прават т.н гап анализа, увид кои мерки се позитивно оценети, кои се оценети дека треба повеќе, која според последниот Извештај вели дека има околу 57 проценти од мерките коишто се оценети како позитивни, односно има реална усогласеност и 43 проценти, кои допрва треба да се усогласуваат.

Тој најави дека следниот период ќе се фокусираат, паралелно преку Националната програма за приближување на законодавството, да се интензивира имплементирањето на законодавството на ЕУ и дека тоа е динамична работа, која зависи од капацитетот на институциите, но и од политичкиот притисок и политичката волја.

-Секако дека имаме уште многу за работа, и во делот на владеењето на правото и во делот на другите стандарди, но ова е еден процес којшто треба да заврши на тој начин што ние ќе функционираме комплетно како држава членка на ЕУ, истакна Маричиќ додавајќи дека за Владата најважно е во тие преговори постојано да одиме напред, тие да бидат неповратни, значи да не се враќаме назад, да немаме назадување по извесен број години, бидејќи новата методологија на некој начин го казнува назадувањето и може да ве врати на почетокот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Астролошка прогноза за август: Какви промени нè очекуваат овој месец?

Следно

Украински милионер загина во бомбардирањето на Миколаев

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian