100 возила на 1 000 жители во Скопскиот регион

4 mins read

Автомобилот е омилено превозно средство за над една третина од жителите во земјава. На патиштата низ државата има над 477 илјади автомобили со просечна старост од 19,3 години. Околу 57 проценти од нив возат на дизел, а само 0,03 се електрични. И додека улиците и тротоарите навидум се преполни од возила, сепак сме под просекот од Европа, каде еден автомобил е на двајца жители, додека кај нас еден на четворица.

И додека бројот на автомобили во земјава е во постојан раст,  една третина од домаќинствата во земјава во 2020 година не поседувале автоомобил, каде според Статистичкиот годишник објавен од Државниот завод за статистика, само 64 проценти од домаќинствата рекле дека поседуваат патнички автомобил.

Во Европа во 2020 година во просек имало 500 возила на 1 000 жители, што е двојно повеќе во споредба со нас, покажуваат податоците од Евростат.

Според податоците од Државниот завод за статистика во земјава има 260 патнички автомобили на илјада жители во 2021 година или околу четири луѓе на еден автомобил. По статистички региони најмногу има во Скопскиот 100 возила на 1 000 жители, а најмалку Вардарскиот регион само 17 возила на 1 000 жители. Втор по број на возила е Пелагонискиот регион со 32 автомобили на 1 000 жители.

Во Европа најмногу автомобили по глава на жител имаат Лихтенштајн (779), Луксембург (682) и Италија (670), а најмалку Романија (379), Латвија (390) и Унгарија (403). Во земјите од регионот Бугарија има 414 возила на 1 000 жители, Хрватска (433), Грција (514) и Словенија (555).

На ниво на ЕУ постои голема разлика во моторизацијата од регион до регион, па така три од петте највисоки стапки на моторизација (број на патнички автомобили на 1000 жители) се регистрирани во Италија: Вале д’Аоста (1 787), автономната провинција Тренто (1 285) и автономната провинција Болцано (871). Останатите две се во Флеволанд (857) во Холандија и во финскиот регион Аландските Острови (840). Од друга страна, најниски стапки на моторизација се пријавени во два француски (прекуморски департмани) и три грчки региони: Мајот (72), Пелопонез (186), Француска Гвајана (209), Централна Грција (238) и Северно Егејски регион (261).

Во земјава најмногу дизел возила – над 270 илјади, а само 128 се електрични

На патиштата низ земјава минатата година имало 477 820 регистрирани возила, според податоците од Министерството за внатрешни работи. Најголемиот дел од нив 271 394 или 57 проценти се дизел, а 194 393 или 40 проценти се бензински. На плин се 11 720 или 2,5 проценти, додека на електричен погон има само 128, на метан 41 возило, а три како погонско гориво користат алкохол.

Интересно е дека пред само неколку години на патиштата низ државата доминирале бензински автомобили. Во 2015 година од 383 илјади возила над 54 проценти биле на бензин, а дизел – 42 проценти. Учеството на бензинските автомобили на патиштата е во постојан пад, па така во 2016 нивниот удел е 51 процент, во 2017 – 49 отсто, за во 2018 да падне на 46 проценти и за првпат на патиштата над половината од патничките возила да користат дизел како погонско гориво. Уделот на бензинските мотори продолжува да се намалува и во 2019 е 44 отсто, во 2020 година 42 проценти, за во 2021 да падне на 40 отсто.

Електричните возила на нашите патишта имаат удел од само 0,03 проценти и иако скромен, имаат постојан раст. Во 2019 година биле само 51 или 0,01 процент, за во 2020 да се зголемат на 69 и 0,02 проценти и во 2021 да има 128 регистрирани електрични возила.

Најголемиот дел од електричните возила се во Скопје и тоа 40 се регистрирани во Општина Карпош, 29 во Центар, 11 во Гази Баба, по пет во Бутел и Чаир, четири во Ѓорче Петров и по три во Аеродром и Кисела Вода.

skopjeinfo.mk

Претходно

ВМРО-ДПМНЕ: Над илјада денари повеќе секој месец за парно и струја

Следно

Кој до првиот трофеј во новата сезона, Манчестер сити или Ливерпул?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian