Жена која остана анонимна за јавноста го обвини 81-годишниот пејач Боб Дилан дека ја злоставувал кога била дете во април и мај 1965 година во хотелот Челзи на Менхетен. Имено, таа истакнала дека била „емоционално и психички оштетена“ кога Дилан, наводно, ја малтретирал во 1965 година, пренесуваат странските медиуми.
Адвокатскиот тим на музичарот рече дека тужбата е „лажна, злонамерна и клевета“. Но, на неодамнешното рочиште се случил пресврт – жената побарала од судот да го отфрли случајот.
Адвокатот на Дилан, Орин Снајдер од компанијата „Гибсон Дан“, рече дека „случајот е завршен“ и дека е „срамота што е дури и е започнат“.

Во тужбата, жената тврдела дека пејачот ја „искористил“ неговата позиција на славна личност и ѝ давал дрога и алкохол за сексуално да ја злоставува. Случајот беше поднесен пред истекот на рокот од една година во државата Њујорк кој им дозволува на луѓето да ги тужат поранешните насилници.
Голем број историчари укажаа на пропусти во приказната за наводната сексуална злоупотреба, истакнувајќи дека музичарот не бил во Њујорк за време на наведената временска рамка.

Адвокатскиот тим што ја застапуваше тужителката бил предупреден од судијката Кетрин Полк Фаила на можни санкции, откако не го испочитувале рокот за доставување на доказните материјали до судот. Судијката, според странските медиуми, им рекла на правниот тим на наводната жртва: „За волја на Бога, доставете ги тие материјали. Дали ги разбирате последиците ако не го сторите тоа?“.
Подоцна, адвокатите на тужителката пред судот рекле дека таа ги „разрешила од нивните адвокатски должности“, за кои адвокатите на Дилан рекоа дека е „дизајнирано за да се избегнат судските обврски во врска со документите како и заканата од санкции“.
Адвокатите на Дилан посочија дека наводната жртва не ги доставила на судот „десетиците критични мејлови за кои знаат дека постојат“ и сугерираа дека доказите биле намерно уништени, барајќи и парични санкции.