Секој со своја агенда – уставни измени наспроти референдум

8 mins read

Колективниот одмор на пратениците ќе трае до 29 август, ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведува консултации со уставни и експерти по меѓународно право како да го формулира референдумското прашање за да успее иницијативата, а власта ќе мора да се справува со силната енергетска и економска криза и да создава услови за успешни уставни измени, за кои е потребни двотретинско мнозинство, што засега е неизвесно

Политичката бура во Македонија што настана по прифаќањето на францускиот предлог за преговорите за членство во ЕУ е пред едномесечно затишје, а по августовските одмори, веќе традиционално, следува жешка политичка есен во која овој пат на менито ќе бидат тешки „специјалитети“ – уставни измени за внес на Бугарите како услов да продолжат отворените преговори со Брисел од една страна, и референдум или предвремени парламентарни избори, што се обидува да издејствува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во наредниот период Собранието ќе биде на колективен одмор, ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведува консултации со уставни и експерти по меѓународно право како да го формулира референдумското прашање за да успее иницијативата, а власта ќе мора да се справува со силната енергетска и економска криза и да создава услови за успешни уставни измени, за кои е потребни двотретинско мнозинство.

Ковачевски до ВМРО-ДПМНЕ: Државата кон ЕУ, а не кон исток!

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера на средба со новинарите рече дека не се подготвува за предвремени избори, потсетувајќи дека за тоа се потребни подготовки и техничка влада сто дена пред гласањето. Исто така, тој рече дека е прерано да ги коментира најавите за уставни измени и за референдумот во врска со францускиот предлог.

– Нема материјал за да се изјаснам. Опозицијата хипотетички прави ситуација – рече спикерот и најави дека Собранието официјално оди на одмор од Илинден до 29 август.

Реториката на власта е во две насоки – дека ВМРО-ДПМНЕ со потезите е против интеграцијата во ЕУ и дека си гради алиби за идното гласање за уставните измени, а реториката на ВМРО-ДПМНЕ е дека власта бега од соочување со народот. Во тој стил и вчера се одвиваше дел од собраниската дебата за пратенички прашања.

Пратеникот Бојан Стојаноски го праша премиерот Димитар Ковачевски зошто е проблем да се организира референдум, ако тој и СДСМ се сигурни дека туркаат исправна политика, а тој одговори дека прашањето за референдум е само за внатрешнопартиска употреба на опозицијата.

– Вие како Влада немате кредибилитет да одлучувате за вакви суштински прашања, без притоа да го прашате директно народот што мисли за вакви протоколи, за вакви преговарачки рамки или за вакви договори со кои комплетно се асимилира македонските идентитет. Знаете дека предлогот што го туркате на сила е штетен за Македонија и значи бугаризација на државата и затоа бегате од референдум. Знаете дека народот ќе излезе и масовно ќе биде против – рече пратеникот Стојаноски.

Премиерот Ковачевски, пак, одговори дека политиката на штитење на интереси на трети држави е најпогубното нешто што може да им се прави на граѓаните.

– Собранието донесе одлука оваа држава да продолжи кон своите европски интеграции и во тоа учествуваа пратеници од партии што застапуваат најширок круг граѓани, без разлика на политичката, етничката или верската припадност. Оваа држава ќе оди на тој пат и што и да правите нема да ја скршнете ниту лево, а уште помалку десно, кон исток – рече Ковачевски.

Премиерот повтори дека земјава ја одржа Прва меѓувладина конференција, македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка, и за тоа треба да бидат горди сите 68 пратеници што кренале рака „за“. Им порача на пратениците од опозицијата дека треба да се срамат од она што го правеа на седницата кога се гласаа заклучоците за преговарачката рамка и дека секогаш бегаат во клучни моменти и не гласаат за стратешки прашања за државата. Пратеникот Стојановски незадоволен од одговорот, му порача дека власта прави сè за да избега од соочување со народот, на избори или на референдум.

Сарказмот на Пендаровски му се допадна на Мицкоски

Претседателот Стево Пендаровски, пак, во интервју за „Фокус“, предложи ако се одржи референдум прашањето да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“, на што вчера доби одобрување од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

– Морам да признам дека по подолго време, за првпат можеби, сме на иста бранова должина со Пендаровски. Во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет, но и пред граѓаните. Но очекувам Пендаровски потоа да ги повика и другите политички партии да излезат на референдум – рече вчера Мицкоски.

Тој додаде дека е пријатно изненаден од ставот на Пендаровски, бидејќи е позитивен за референдумското изјаснување, што е највисок чин на демократијата.

– Граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат, да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени, кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина да имаме европска иднина. Европската иднина никогаш не била под знак прашање, туку само патот – рече Мицкоски.

Претседателот Пендаровски во интервјуто всушност рече дека референдумот практично ќе биде против преговорите со ЕУ, затоа што Преговарачката рамка не може да се промени.

– Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и тој со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“. Без спомнување договори, точки. Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат – вели Пендаровски во интервјуто.

Тој предложи и да се симне прагот за излезност на референдумот од 50 отсто плус 1 од запишаните гласачи и да се исчисти Избирачкиот список според новиот попис, по што, уверен е, „значаен дел од гласачите ќе бидат за ЕУ“, исто како што „мнозинството од реалниот електорат позитивно се изјасни на референдумот за Преспа“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 29 јули: Треба да преземете одговорност за своите постапки

Следно

Кина: Нови 564 случаи на коронавирус

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian