Пендаровски постхумно ќе ги одликува Крсте Црвенковски и Невена Георгиева – Дуња, а со медали за храброст борци од НОБ

4 mins read

Претседателот Стево Пендаровски, според вообичаената ротација меѓу премиерот и претседателот на Собранието по повод државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, ќе остане во Скопје каде под негово покровителство се предвидени повеќе активности.

Имено, според програмата доставена од Кабинетот, претседателот Пендаровски утрото на  2. август ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, и на гробот на претседателот Борис Трајковски.

Потоа, на платото во Кабинетот на претседателот ќе се одржи централна манифестација, на која ќе се обрати претседателот Пендаровски и ќе бидат доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно ќе биде одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.

Со Орден за воени заслуги, постхумно ќе биде одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.

Со Медал за храброст ќе бидат одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева. Осуммината се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата.

Во Скопје, делегација од Кабинетот на претседателот, предводена од генералниот секретар, Миле Бошњаковски, ќе положи цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец”, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија, и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија”.

Во Крушево, каде годинава по повод 2 Август – Денот на Републиката, ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на свеченоста на Мечкин Камен, делегација од Кабинетот на претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на месноста „Слива” и на Мечкин Камен.

Свечената програма во организација на Владата на Република Северна Македонија започнува во 11:30 часот со положување на цвеќе на Мечкин Камен во Крушево.

Во Пелинце, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ, а таму пред граѓаните ќе се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери.

Во Смилево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи свежо цвеќе на Могилата на Даме Груев, на споменикот на смилевските илинденци и на спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев”.

·

www.slobodenpecat.mk

Претходно

„Седнав да разговарам со човекот кој ме силуваше“: Ешли Џад проговори за своето исцелување

Следно

Инфлацијата во јули достигна рекордни 8,9 отсто во 19 земји од еврозоната

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian