Новата американска амбасадорка и повратничка во Скопје, Анџела Агелер, вели дека ќе им помогне на властите поефикасно да се борат со корупцијата

3 mins read

Американската дипломатка Анџела Прајс Агелер, која е номинирана од претседателот Џо Бајден и шефот на дипломатијата Ентони Блинкен за нова амбасадорка во Скопје, вчера реферираше пред Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат.

Таа рече дека ќе ѝ претставува „длабока чест“ да се врати на служба во амбасадата во Скопје, каде што работеше во одделот за односи со јавноста во периодот од 2011 до 2014 година.

Агелер рече дека ќе ѝ помогне на Македонија да развие стратегија за поефикасна борба против корупцијата, како и дека ќе работи на поддршка на земјата, која ја нарече „важен стратешки партнер“, да стане поотпорна на штетни влијание од трети страни, посочувајќи ги Русија и Кина.

Нејзиното излагање пред членовите на Комитетот можете да го проследите на овој линк (излагањето на Агелер почнува на околу 46 минути и 40 секунди од видеото)

„САД и С. Македонија делат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрувањето на владеењето на правото и зајакнувањето на доброто владеење. Ако бидам потврдена на позицијата, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност, да ги истражат наводите за злоупотреби и одлучно да се спротивстават на корупцијата, за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на С. Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери. Ако бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергетска диверзификација и безбедност, како и на градење отпор на штетни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече Агелер пред сенаторите на вчерашното сослушување.

Таа додаде дека ќе работи на „надградување на стратешкиот дијалог меѓу двете држави, преку продлабочување на соработката меѓу армиите на двете земји“.

Агелер дипломирала на Универзитетот во Јута, а покрај англиски, зборува француски, македонски и хинди. Таа беше номинирана од Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје на 26 мај. Досега таа беше в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан. Претходно има работено на разни функции во Стејт Департментот и во амбасадите во Париз, Ханој, Њу Делхи и Будимпешта, како и во амбасадата во Скопје, задолжена за односи со јавноста. Како американски дипломат во Скопје Агелер беше гласна во одбрана на слободата на медиумите, како и заштита на граѓанските права и слободи што тогаш беа задушувани од власта на Никола Груевски. Беше еден од иницијаторите за првата ЛГБТ Парада на гордоста во Македонија.

Агелер, по потврдувањето на нејзината номинација во Сенатот, ќе дојде на местото на Кејт Брнз, која ја напушта функцијата која ја извршуваше нешто повеќе од три години.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Поминаа десет години откако победи на Мис Универзум: Оливија Кулпо изгледа неверојатно

Следно

ВИДЕО | „Во тој момент бев збунет“: Вилм Смит повторно се обиде да му се извини на Крис Рок

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian