Со вкупни 3:2 во двомечот против Шкупи екипата на Динамо Загреб успеа да се пласира во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Следен противник на Хрватите е бугарскиот Лудогорец, а чаирчани ќе ги одмерат силите против Шамрок Роверс од Ирска.
Херој на „модрите“ на реваншот во Скопје беше Аријан Адеми, а среќен поради пласманот во следната рунда е и неговиот колега од македонската А репрезентација, Стефан Ристовски.
– Честитки до сите за пласманот во третото квалификациско коло. Скупи е солидна екипа која игра во два блока, а напаѓачите им се опасни. Денес во фудбалот нема лесни противници. Знам како се гледа Динамо на овие простори. Мило ми е што беше примен на ваков начин во мојот град. Шкупи е сепак шампион на државата, а немаше што да загуби, влезе со целосна посветеност, но најважно е што поминавме. Продолжуваме по нашиот пат, среќни се враќаме во Загреб – рече Ристовски по мечот со Шкупи.
Фудбалерите на тренерот Гоце Седлоски на 4 август во Ирска ќе го играат првиот натпревар од 3. квалификациско коло во Лига Европа против Шамрок Роверс, а реваншот е седум дена подоцна во Скопје.