ФОТО | Решена мистеријата на мажот во бело, чие тело беше пронајдено на плажа пред 70 години

4 mins read

Повеќе од 70 години, случајот со човекот пронајден мртов на австралиска плажа ги збунува властите.

Телото на добро облечен маж е пронајдено безживотно на австралиска плажа во 1948 година.

Бил наведнат, на јаката му се задржала полуиспушена цигара, а во џебот имал стих од персиска песна, а истражителите немале поим кој е тој.

Имаше многу теории, а една од нив е дека човекот, наречен „мажот од плажата Сомертон“ (Somerton Man), бил шпион.

Но, по повеќе од 70 години, истражувачот вели дека ја решил мистеријата – тоа бил Карл Веб.

И тој не бил руски агент, туку електроинженер роден во Мелбурн.

Полицијата на Јужна Австралија не го потврди откритието, но рече дека наскоро ќе даде коментар.

Случајните минувачи го пронашле телото потпрено на ѕид на плажата Сомертон во Аделаида на 1 декември 1948 година.

Мажот носел костум и вратоврска и се проценува дека бил на возраст од 40 или 50 години.

Во џебот имало билети за автобус и воз, гуми за џвакање, кибрит, два чешла и кутија цигари. Немал паричник, готовина и лична карта.

Етикетите на неговиот костум биле отсечени, а форензичарите се сомневале дека е отруен.

Други наоди ги збунија властите.

Пронајден е куфер, неколку парчиња облека со отстранети етикети и некохерентни написи за кои се верувало дека е шифра.

Во костумот имал искинато парче хартија на кое биле испечатени зборовите на персиски (фарси) јазик Тамам Шуд – што значи „готово е“.

Отпечатоците од прстите на човекот од Сомертон се испратени низ целиот свет, но никој не успеал да го идентификува.

И така во 1949 година бил погребан на гробиштата во Аделаида со надгробната плоча: „Тука лежи непознатиот човек кој беше пронајден на плажата Сомертон“.

Полицијата лани ги откопа посмртните останки на мистериозниот маж во обид да го реши случајот.

Но, еден професор на Универзитетот во Аделаида бил одлучен да го реши случајот.

Дерек Абот успеал да ја анализира ДНК-та на мажот користејќи влакна зачувани кога властите му направиле гипсен модел на лицето.

Работејќи во тандем со познатата американска експертка за форензика Колин Фицпатрик, тој направил големо семејно стебло користејќи ДНК.

И од 4.000 имиња, наодите се свеле на едно – Карл Веб.

Тие потоа им влегле во трага на неговите живи роднини, користејќи ја нивната ДНК за да го потврдат неговиот идентитет.

„Тоа е триаголник од два различни, сосема далечни делови на (семејното) дрво“, рекол професорот Абот за „Австралиската медиумска корпорација“ (Australian Broadcasting Corporation).

Тој исто така ги опиша своите емоции за ова откритие.

„Се чувствувам како да се искачувам на Монт Еверест и имам мешавина: возбуда затоа што сум на врвот, но и изморен и исцрпен.“

Според професорот Абот, Веб е роден во 1905 година во предградието на Мелбурн.

Тој бил најмладиот од шесте браќа и сестри и се оженил со Дороти Робертсон, позната како Дов Веб.

Тоа е она што најверојатно го донело во Аделаида, вели професорот.

„Имаме докази дека тој се разделил од сопругата и таа се преселила во Јужна Австралија. Така тој најверојатно дошол да ја најде“, изјави тој за Еј-би-си.

Фицпатрик сега сака да помогне во решавањето на мистеријата за неговата смрт.

„Би сакала да ги видам резултатите од токсиколошката истрага, но и да дознаам што се случило со Дороти“, изјави таа за Си-eн-eн.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Нејмар мора на суд пред Светското првенство поради измама

Следно

Тројца се обвинети за трагичниот пожар во тетовската модуларна болница

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian