Бабовски: Засилени мерките против африканската свинска чума по потврдениот нов случај во Моштица

3 mins read

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски соопшти дека се засилени мерките против африканската свинска чума по потврдениот нов случај во селото Моштица.

Бабовски, кој денеска веднаш замина на терен и имаше средба со надлежните од локалната самоуправа, порача граѓаните да бидат мирни и спокојни зашто болеста, нагласи, не е зооноза, односно се јавува само кај домашните и дивите свињи, а не и кај луѓето. Опасноста, подвлече, е во несовесното однесување – ако некој посетува ловишта и фарми каде има африканска чума, па може лесно да ја пренесе на друга фарма или ловиште.

Како што информира директорот на АХВ, издадено е ново Решение со кои се наложува преземање контролни и заштитни мерки за сузбивање на африканската свинска чума во заштитната зона околу жариштето, кое ги вклучува населените места Моштица, Македонска Каменица, Косевица, Саса, Цера и Костин Дол во Македонска Каменица.

– АХВ ги презема сите потребни активности, а за новото жариште се известени и Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ) и Европската комисија. Нашите стручни лица се на терен. Знаеме како да се справиме со оваа подмолна болест која во поновата историја е најголемата пандемија кај домашните и дивите животни. Ако е веќе еднаш присутна, поради високата отпорност на вирусот, секогаш претставува опасност. Но, досега реагиравме навреме, сигурен сум дека и овој пат успешно ќе се справиме, нагласи Бабовски по враќањето во Скопје.

Тој рече дека на одгледувалиштето во Моштица се спроведени сите потребни мерки за уништување на вирусот, а во тек е и спроведување епидемиолошка истрага за утврдување на причинителот. Мерки се преземаат и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу жариштето, која ги опфаќа општините Виница (со населеното место Калиманци), Кочани (со населените места Пресека, Небојани, Главовица, Костин Дол, Безиково и Ново Село), Делчево (со населените места Илиово и Вратиславци), како и Македонска Каменица (со населените места, Луковица, Дулица, и Тодоровци).

– Во заштитната зона околу потврденото жариште се спроведуваат следниве мерки: попис на сите одгледувалишта на свињи и идентификација на сите свињи во рок од пет дена, епидемиолошко испитување во сите заразени и сомнителни одгледувалишта на свињи за да се утврди можниот извор и ширење на болеста, како и одземање, убивање и нештетно отстранување (депопулација) на сите свињи кои се наоѓаат во заштитната зона, нагласи Бабовски и додаде дека од одземените свињи ќе се земаат мостри за лабораториско испитување.

Согласно мерките, нештетно, рече директорот на АХВ, се отстранува опремата која не може да се дезинфицира (слама, храна и шталско ѓубре како и кујнскиот отпад – помии), а предвидено е и чистење, дезинфекција и дезинсекција на објектите, просториите и возилата кои влегуваат и излегуваат од одгледувалиштата.

Според Бабовски, високоризичната зона на болеста ги опфаќа сите општини во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Пронајден најголемиот розов дијамант во последните 300 години

Следно

Украинскиот парламент го избра Андриј Костин за јавен обвинител

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian