Шкупи максимално мотивиран за вечершната пресметка со Динамо Загреб

3 mins read

Македонскиот шампион Шкупи вечерва (21 часот) на Националната „Арена „Тодор Проески“ го игра реванш натпреварот од второто квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите против Динамо Загреб.

Шкупи има одличен резултат пред вечерашната пресметка, првиот дуел во Загреб заврши 2:2, и во таборот на македонскиот шампион се надеваат дека со поддршка на навивачите ќе можат да направат изненадување и да го елиминираат хрватскиот тим кој е редовен учесник во европските купови во последните години.

Во Шкупи се свесни дека и вечерва Динамо ќе ја има фаворитската улога, но позитивниот резултат од првиот натпревар и поддршката што ќе ја добијат од трибините, ја крева мотивацијата на највисоко ниво кај фудбалерите.

– Не знам дали не потценија или не во првиот натпревар, но ако е така тогаш причината нека си ја бараат кај нив. Ние се покажавме на теренот. Секако дека тие се уште се фаворити, знаеме кој е Динамо, знаеме со какви играчи и со каков буџет располагаат, секогаш одат на пласман во Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Ние имаме супер резултат, но Динамо сè уште е фаворит на хартија. Не можам да знам дали Динамо ќе одигра подобро во Скопје отколку во Загреб. Сигурно дека го анализирале првиот натпревар како што го анализиравме и нив, затоа се е отворено. Сепак, не е лесно како гостин да му дадеш на Динамо два гола. Повторувам тие се уште се фаворити. Но, мислам дека пред нашата публика ќе се претставиме во добро издание – вели тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски.

Фудбалерите очекуваат со поддршка од навивачите да успеат да дојдат до историски успех.

– Нашата предност е сознанието дека немаме никаков притисок. Притисокот е кај Динамо кој мора да продолжи во Европа, нив ги „боли главата“, а за нас секој добар натпревар и резултат, секој пласман понатаму е само бонус, и затоа ќе играме релаксирано. А кога е полесно од психолошки аспект, полесно е и да се даде максимумот на теренот. Бидејќи играме дома сигурно нема да се браниме, ќе играме поотворено, затоа што сигурно и публиката тоа од нас ќе го бара. Се надевам дека барем половина стадион ќе биде исполнет, па со поддршка од 15.000 навивачи ќе се обидеме да дојдеме до изненадување – вели еден од најдобрите фудбалери на Шкупи, Владица Брдаровски.

.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО+ВИДЕО | Средба на претседателот Пендаровски со министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао Гомес Кравињо

Следно

Неодолив летен десерт од Дијана Иваноска: Сочна торта со јагоди и бела чоколада

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian