Неодолив летен десерт од Дијана Иваноска: Сочна торта со јагоди и бела чоколада

3 mins read

Животот навистина може да биде беспрекорно вкусен, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Дијана Иваноска открива лесен рецепт за сладолед со карамел: Чоколада, кафе, овошје, јатки, опциите се бескрајни…

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Дијана Иваноска
Рецепт на Дијана Иваноска / Фото: Приватна архива

Таа денеска споделува рецепт за торта со јагоди и бела чоколада.

„Јагодите ми се омилено овошје, а бидејќи многу кратко време се во сезона гледам максимално да ги користам додека ги има. Но, јагодите можете да ги замените со кое било друго овошје по ваш избор. Во тестото на оваа торта има павлака која го прави ептен сочно. Во комбинација со овошје и кремот со бела чоколада ќе добиете неодолив летен десерт“, ни открива Дијана.

Потребни состојки:

За кората:
– 200 г брашно
– 1 кесичка прашок за печиво
– 200 г шеќер
– прстофат сол
– 250 г кисела павлака
– 4 јајца
– 125 г стопен путер
– 250 г јагоди сечкани (или друго овошје по ваш избор)
– 200 г сецкана бела чоколада

За кремот:
– 100 г бела чоколада
– 100 мл слатка павлака
– 125 мл слатка павлака изматена
– 400 г јагоди (или друго овошје по ваш избор)

Дијана Иваноска
Рецепт на Дијана Иваноска / Фото: Приватна архива

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 180 степени и премачкајте го калапот за торта со путер (јас користев калап со димензии 20 цм). Измешајте го брашното со шеќерот и прашокот за печиво. Во друг сад измешајте ја павлаката со јајцата и стопениот путер. Измешајте ги сувите и влажните состојки. Додадете ги сецканите јагоди и чоколадата. Префрлете ја смесата во калапот за печење и печете околу 50 минути. Боцнете со  чепкалка, ако е сува готова е. Белата чоколада и слатката павлака стопете ги и оставете да се оладат целосно. Додадете ја оваа смеса во изматетената слатка павлака. Нанесете го кремот на оладената торта. Наредете ги свежите јагоди над кремот. Оладете ја тортата и уживајте.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шкупи максимално мотивиран за вечершната пресметка со Динамо Загреб

Следно

Условни казни за учесниците кои признаа вина за насилните инциденти на протестите против францускиот предлог

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian