Лидерот на грчката партија ПАСОК- КИНАЛ пријави обид за следење на неговиот мобилен телефон

2 mins read

Претседателот на грчката опозициска партија ПАСОК- Движење на промена и европратеник Никос Андрулакис денеска поднесе пријава до Врховниот суд на Грција за обид неговиот мобилен телефон да биде следен со софтверот „Предатор”, јави дописничката на МИА од Атина.

Андрулакис рече дека пред неколку дена бил известен од надлежната служба на Европскиот Парламент за обидот во неговиот мобилен да биде инсталирана конкретната програма за следење.

Истакна дека откривањето на оние кои стојат зад обидот не е лична работа, туку е негова демократска должност.

Во септември минатата година, според извори од партијата за грчките медиуми, во пресрет на изборите за претседател на ПАСОК- Движење на промена, Андрулакис добил смс порака со конкретен линк, што не го отворил, а доколку кликнел, во неговиот телефон автоматски ќе се инсталирал софтверот за следење „Предатор”.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому рече дека пријавата на Андрулакис мора да се истражи, а „секој надлежен орган на грчката држава мора со својата експертиза и во рамките на своите надлежности да помогне во истрагата како на грчко, така и на ниво на Европската унија”.

Кон средината на април, медиумите во Грција, објавија дека со „Предатор” бил следен и прислушуван и грчкиот новинар Танасис Кукакис, во периодот од 12 јули до 24 септември 2021 година, кога истражувал теми поврзани со перење пари, незаконски банкарски трансакции и корупција.

Медиумите во Грција тогаш пишуваа дека софтверот „Предатор” е развиен од македонската компанија „Cytrox”, а програмата во мобилниот телефон на Кукакис бил откриен од специјализиран тим на Универзитетот во Торонто (Citizen Lab).

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Каде биле евакуирани скопјани поради земјотресот?

Следно

Инспириран од земјотресот во Скопје во 1963, Пикасо го насликал плакатот за „Битката на Неретва“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian