Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за надворешни работи на Португалската Република, Жоао Гомес Кравињо, кој престојува во посета на Република Северна Македонија, соопштија од кабинетот на претседателот.
„На средбата беа разменети мислења околу можностите за унапредување на билатералните односи на двете земји, во контекст на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, унапредување на првната рамка и зајакнување на економската соработка, а воедно беше изразено и очекување дека соработката во одбраната дополнително ќе се интензивира во рамки на НАТО“, известуваат од кабинетот на Пендаровски.

Во разговорот, претседателот Пендаровски изразил благодарност за силната поддршка од Португалија во исполнување на нашата европска агенда и посочи дека со неодамнешното одржување на Меѓувладината конференција во Брисел се означува ново поглавје од евроинтеграцискиот процес што е од огромно значење за Северна Македонија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски посочил дека земјава интензивно се подготвува за скрининг процесот, кој започнува во септември и се очекува да даде пресек за подготвеноста и усогласеноста на македонското и европското законодавство.