Дерматолог Весна Бришкоска Бошковски: Хиперпигментации на кожата – како да ги спречите, а како да ги лекувате

13 mins read

Хиперпигментациите претставуваат нарушување на пигментацијата на кожата, кои особено во летните месеци од годината стануваат вистински проблем за лицата кои ги имаат. Хиперпигментацијата не е ниту болна ниту опасна, сепак, таа може да предизвика значително козметичко обезличување и да стане постојан психосоцијален товар за пациентот.

Што е хиперпигментација на кожата?

Бојата на нашата кожа зависи од количината на пигментот на кожата, меланин. Меланинот е протеин, произведен од специфичен тип клетки на кожата наречени меланоцити. Меланоцитите се наоѓаат во подлабоките слоеви на епидермисот. Кај оние со обоена кожа, меланоцитите произведуваат повеќе меланин отколку кај луѓето со бела кожа. Кај луѓето со потемна кожа, вишокот меланин помага да ја заштити кожата од оштетување на сонцето. Кај луѓето со посветла кожа, меланинот не обезбедува толку добра заштита од УВ-зрачењето.

Хиперпигментација се дефинира како потемнување на природната боја на кожата, обично поради зголемено таложење на меланин (хипермеланоза) во епидермисот и/или дермисот. Поретко, тоа може да биде предизвикано од таложење во дермисот на ендогени или егзогени пигменти, како што се хемосидерин, железо или тешки метали. Овие дамки можат да се појават каде било на телото, но најмногу се појавуваат на лицето. Хиперпигментацијата е карактеристика на мноштво клинички состојби, кои се движат од нормални варијации на бојата на кожата до стекнати и наследни синдроми, локализирани или дифузни и е една од најчестите причини за дерматолошка консултација, особено кај пациенти со темнопигментирана кожа.

Кои се најчестите причини за прекумерно создавање на пигментот меланин и развој на хиперпигментациите?

Најголемиот ризичен-фактор е секако сонцето. УВ-зрачењето или изложеноста на сончева светлина го активира производството на меланин, што помага да се заштити кожата од штетните УВ-зраци, затоа и луѓето потемнуваат на сонце. Сепак, прекумерното изложување на сонце доведува до нарушување на овој процес и може да предизвика хиперпигментација.

Стареењето е втор по честота ризичен фактор. Како што старееме, бројот на меланоцити во кожата се намалува, но растат во големина и нивната дистрибуција станува понагласена. Епидермисот се разредува, па кожата е потенка, поранлива и полесно се трауматизира.

Хормоните се главна причина за настанување на посебен тип хиперпигментација, наречена мелазма или хлоазма. Од сè уште недоволно разјаснети причини, комбинацијата на хормони – естроген и прогестерон и експозиција на сончева светлина, го зголемува ризикот од хиперпигментација. 10-25 отсто од корисниците на комбинирани контрацептивни таблети и до 50 отсто од трудниците развиваат хиперпигментација.

Други фактори кои можат да тригерираат настанување на хиперпигментации се: кожни повреди, инфламација, медицински состојби/болести. Имено, сè што ја трауматизира кожата и резултира со воспаление може да предизвика хиперпигментација. Тоа е затоа што воспалението директно го стимулира производството на меланин, што резултира со т. н. постинфламаторна или секундарна хиперпигментација. Погенерализирана хиперпигментација може да се појави како резултат на одредени медицински состојби како, на пример, автоимуни заболувања, гастроинтестинални болести, витамински дефицит, метаболни нарушувања. Употребата на одредени медикаменти може да предизвика настанување на хиперпигментации. Како на пример, аналгетици, антибиотици, антиконвулзиви, хемотерапевтици, антикоагуланси, антималарици.

Кои се најчестите типови хиперпигментација?

Најчестите типови хиперпигментација се:

Ефелидите или сончеви пеги се мали, јасно демаркирани, хиперпигментирани дамки обично со дијаметар од 2 до 4 мм, кои најчесто се јавуваат кај поединци со црвена или руса коса и светла кожа. Најпрво се појавуваат во раното детство, на кожа изложена на сонце и се најбројни на лицето, горната површина на рацете и горниот дел од трупот. Ефелидите се зголемуваат во бројот, големината и длабочината на пигментацијата во текот на летните месеци и се помали, полесни и во помал број во зима. Ефелидите се бенигни лезии и немаат склоност кон малигна трансформација. Хистолошки, постои нормален епидермис и нормален број меланоцити со големи меланозоми, слични на оние забележани кај пациенти со темнопигментирана кожа.

Старечки дамки – Ова се мали, темнокафеави дамки, понекогаш наречени сончеви дамки (соларно или сенилно лентиго), кои имаат тенденција да се развиваат на областите на кожата изложени на сонце, какви што се челото, околу очите или на друго место на лицето или вратот, како и горната страна на дланките и подлактиците. Овие типови на хиперпигментации се јавуваат како одговор на прекумерно или хронично изложување на сонце. Кај помладите индивидуи, тие често се појавуваат по акутна изгореница од сонце.

Мелазма – многу често, хронично и рекурентно нарушување на хиперпигментацијата што произлегува од хиперфункционалните меланоцити кои депонираат прекумерни количини на меланин во кожата. Мелазмата е особено честа кај жените, особено кај оние во репродуктивна возраст и на областите на телото со интензивна изложеност на сонце, особено лицето. Фактори кои се вклучени во патогенезата на оваа состојба се: генетски влијанија, изложување на сонце, хормонални фактори, бременост и во некои случаи лекови, пред сè, хормонална терапија. Најчеста е кај женските индивидуи со темнопигментирана кожа кои живеат во области со интензивна изложеност на ултравиолетово (УВ) зрачење.

Постинфламаторна хиперпигментација – честа реактивна хипермеланоза која се развива како последица на различни повреди на кожата, вклучувајќи воспалителни болести, хемиска или физичка траума. Се манифестира со хиперпигментирани дамки во истата област на претходечката инфламација или траума. Бојата варира од светлокафеава до сива или црна, во зависност од бојата на кожата и локацијата на таложење на меланинот. Пациентите со темно пигментирана кожа се особено предиспонирани за постинфламаторна хиперпигментација. Провоцирачкиот воспалителен процес кој води до постинфламаторна хиперпигментација може да биде ендоген или егзоген. Вообичаени ендогени причини се најчестите инфламaторни кожни болести – псоријаза, лихен планус, акните, атопискиот и контактен егзема. Случајни изгореници, терапија со нејонизирачко зрачење, фототоксичност, хемиски пилинг и ласерски процедури се најчести примери на егзогени причини.

Кои се општите тераписки принципи за менаџмент на хиперпигментациите?

Третманот на кожна хиперпигментација е предизвик поради неговата хронична, перзистирачка и рецидивна природа. Пристапот кон третманот вклучува отстранување на провоцирачките фактори, фотозаштита, козметичка камуфлажа и различни модалитети за намалување на пигментот, вклучително и локални средства за осветлување/депигментација на кожата и ласерска терапија.

Нарушувањата поврзани со таложење на меланин во епидермисот (на пример, мелазма, постинфламаторна хиперпигментација) обично реагираат на локални средства за осветлување на кожата.

Но, нарушувањата поврзани со таложење на меланин во дермисот не реагираат на локални терапии и може успешно да се третираат со ласер. Првиот чекор е третман на тригерот, за настанувањето на пигментацијата, доколку е сè уште активно. Следен чекор е локалната терапија за депигментирање, честопати во комбинација, проследена со хемиски пилинг и/или ласерска терапија за тешки или рефрактерни случаи. Лекувањето на хиперпигментациите бара време и трпение, бидејќи секогаш се потребни мултипни третмани што се прават на одреден временски интервал.

Локални терапии – Нарушувањата поврзани со таложење на меланин во епидермисот (на пример, мелазма, постинфламаторна хиперпигментација) често може успешно да се третираат со локални средства за депигментација на кожата. Тие вклучуваат: инхибитори на тирозиназа (го спречува производството на меланин) како што е, на пример, хидрокинонот. Тој често се комбинира со локален ретиноид, со или без локален стероид, за да се подобри и забрза ефективноста. Најчесто користената тројна комбинација вклучува хидрокинон 4 отсто, третиноин 0,05 отсто и флуоцинолон ацетонид 0,01 отсто. Локалниот стероид може да ги намали иритирачките ефекти на осветлувачот на кожата и/или ретиноидот, но треба да се користи само до 8 недели за да се минимизира веројатноста за несакани ефекти предизвикани од стероиди. Локалните ретиноиди вклучуваат третиноин, адапален и тазаротен. Тие се ефикасни во лекувањето хиперпигментациите и може да се користат долгорочно.

Други локални препарати што се инхибитори на тирозиназата се

– L ascorbic acid (Витамин Ц) – Неговата предност е што е многу силен антиоксидант и има антиинфламаторно дејство. Често се комбинира во локални препарати за кожа заедно со препарати од хидрокинон.
– N-ацетил глукозамин – Оваа аминокиселина е прекурсор на хијалуронската киселина, а исто така има инхибиторен ефект врз тирозиназата. Обично се користи во крем за кожа заедно со ниацинамид кој претставува дериват на витамин Б3. Генерално добро се поднесува и може да даде добри ефекти за депигментација на кожата.

– Транексамична киселина – Од неодамна постои голем интерес во користење на овој препарат во третман на хиперпигментациите. Истиот е плазмин инхибитор со што ефикасно се блокира инфаламаторната каскада што тригерира меланин продукција. Последните студии даваат ветувачки резултати во третманот на хиперпигментациите.

– други локални агенси успешно користени во третман на хиперпигментациите се: азелаична киселина, мекинол, којична киселина, цистамин и др.

Хемиски пилинг – Хемискиот пилинг е сè попопуларен метод за отстранување на хиперпигментацијата. Хемискиот пилинг делува така што ги отстранува епидермалните клетки кои содржат вишок меланин. Тие мора да се користат со претпазливост од искусни дерматолози бидејќи може да предизвикаат иритација на кожата и дополнителна хиперпигментација. Вообичаените средства за пилинг вклучуваат алфа-хидрокси киселини (на пример, гликолна киселина), бета-хидрокси киселини (на пример, салицилна киселина), трихлороцетна киселина. Кај потемната кожа, најчесто се користат површни до средно длабоки пилинзи за да се намали ризикот од лузни и диспигментација.

Ласерска терапија – Нарушувања на хиперпигментацијата поврзани со таложење на меланин во дермисот, не реагираат на локални терапии, но често може успешно да се третираат со ласерска терапија. Најчесто користени се Q-switched ruby ласери, Q-switched Nd:YAG ласери кои исто така треба да се користат со претпазливост од искусни дерматолози, бидејќи може да предизвикаат иритација на кожата и дополнителна хиперпигментација.

Како може да се превенира настанувањето на хиперпигментациите?

Примарно за да спречите појава на хиперпигментација, се советува заштита на кожата од сонцето. Се препорачуваат следните превентивни мерки:
– Користете заштита од сонце. Секој ден нанесувајте крем за сончање и балсам за усни со заштитен фактор (СПФ) од 30 или повисок. Користете ги овие производи во текот на целата година, дури и кога е облачно или дождливо. Особено е важен начинот на апликација на кремите со заштитен фактор кои треба да се нанесат 20-30 минути пред изложување на сонце, а се реаплицираат на секои 2-3 часа.
– Носете капа и заштитна облека. Заштитете го лицето, вратот и ушите со носење капа со широк обод и темна ткаенина. Ткаенината треба да биде цврсто ткаена.
– Останете во сенка. Секогаш кога е можно, останете во засенчени места за да спречите прекумерно или интензивно изложување на сонце.
– Избегн увајте директно изложување на сонце. УВ зраците се најсилни од 10 до 16 часот.
– Избегнувајте сончање. Сончање на сонце или во солариум.

Доц. д-р Весна Бришкоска Бошковски, спец. дерматовенеролог ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ – Скопје

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Јапонија егзекутиран маж кој уби седум луѓе во 2008 година

Следно

Вархеји: Волјата за проширување се врати, подготвени сме да се движиме брзо

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian