Седлоски: Имаме супер резултат, но Динамо сè уште е фаворит

4 mins read

По ремито во Загреб, а во пресрет на утрешниот реванш Шкупи – Динамо, тренерот на домашните Гоце Седлоски најавува уште поангажирана игра на неговиот тим, иако фаворитската улога останува кај „модрите“

По поволниот резултат на Шкупи од првиот меч во второто квалификациско коло за Лигата на шампионите, кога изигра нерешено 2-2 против Динамо во Загреб, утре се игра реваншот во Скопје. Победникот од овој меч оди во третото квалификациско коло. За обата тима влогот е голем. Шкупи, откако креира изненадување со ремито против големиот фаворит во Загреб, има шанса да отиде во третото квалификациско коло. Тоа за македонскиот шампион би бил огромен успех.

За Динамо, со својата репутација на чести настапи во европските натпреварувања на УЕФА, би била голема бламажа да биде елиминиран од Шкупи во оваа фаза од квалификациите за ЛШ. Тоа го истакнуваа хрватските медиуми, а дел од коментарите се и дека Динамо го потценил Шкупи во првиот меч. Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски, пред реваншот како и пред првиот меч, истакнува дека Динамо е фаворитот.

– Јас не знам дали не потценија или не, во првиот меч. Но ако е така, причината нека си ја бараат кај нив. Ние се покажавме на теренот. Секако дека тие се уште се фаворити. Знаме кој е Динамо, знаеме со какви играчи и со каков буџет располагаат. Секогаш одат на пласман во Лигата на шампионите и Лига Европа. Стигнуваат многу далеку. Ние имаме супер резултат. Но тие се уште фаворити, на хартија. Сигурно дека Динамо ќе даде гас. Ние треба да одиграме многу подобро од она што игравме таму. Мислам дека ќе се поставиме добро. На крај нека победи подобриот – вели Седлоски.

Во Динамо веројатно извлекле поуки од првиот меч, со што можат да ја подобрат играта во реваншот утре.

– Не можам да знам дали Динамо ќе одигра подобро во Скопје, одошто во Загреб. Секако дека го анализирале првиот меч. Но, го анализиравме и ние. Сигурно дека нашите грешки од првиот меч треба да ги отстраниме. Затоа се е отворено. Сепак, не е лесно како гостин да му дадеш на Динамо два гола. Повторувам тие се уште се фаворити. Но, мислам дека пред нашата публика ќе се поставиме во добро издание. Тоа го докажавме и во Загреб – вели Седлоски, кој истакнува дека поголемото искуство на гостите во вакви мечеви може да биде значајна предност.

– Искрено, стархувам малку што кај Динамо има рутина секои три дена да играат тешки мечеви. Ние поретко играме вакви мечеви во кои се бориме за влез во Европа.

Земајќи го предвид сето тоа, добро се покажавме во Загреб – вели Седлоски.

 

foto fc shkupi

Шкупи се подготвува за мечот…

– Ќе бидеме подготвени на се, па ќе видиме колку противникот ќе ни дозволи. Сепак, тоа е Динамо, да не „летаме“ многу. Им кажав на играчите и по првиот меч, дека прикажавме добра игра и доколку ги извршат моите задачи и во вториот меч, а нема зошто да не ги извршат, се е можно – вели Гоце Седлоски.

Според хрватските медиуми во Скопје од составот на Динамо ќе отсуствуваат двајца важни одбранбени играчи, Јосип Шутало и Кевин Теофил-Катерин, кои се повредени. Според Седлоски, тоа не некоја значајна предност за домашните.

– Динамо има голем ростер и нема да се осети многу. Имаат многу играчи на располагање што можат да играат во првите 11- вели тренерот на Шкупи, кој на овој меч смета и на 12. играч.

– Ја повикувам публиката да дојде да не бодри. Мислам дека ќе се претставиме во добро издание и очекувам навивачите да бидат наш 12. играч – вели Гоце Седлоски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Пронајден експлозивен механизам во близина на судот во Атина, по предупредувачки повик

Следно

Локално и автентично: Разговор со Стефанија Атанасовски, сопственичка на „5до12“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian