Локално и автентично: Разговор со Стефанија Атанасовски, сопственичка на „5до12“

12 mins read

Во јуни ги прашавме следачите на нашиот официјален инстаграм-профил @slobodenpecat да споделат со нас мали, автен- тични локални бизниси кои заслужуваат видливост, а не се во можност да одвојат буџет за рекламирање. Поставивме само еден услов: следбениците да имаат лично позитивно искуство со предлогот што ќе споделат.

Нашата денешна соговорничка Стефанија Атанасовски е сопственичка на мала креативна работилница за персонализирани производи „5до12“ и изработува беџови, привезоци, обетки, подметачи за чаши, едукативни игри за деца – палетата на производи не е ограничена.

Стефанија има 25 години и пред четири години решила да ги стави студиите по архитектура на пауза и да започне своја креативна приказна. На почетокот опстојувала само преку социјалните медиуми, а веќе една ипол година има своја продавница во Скопје.

„Отсекогаш знаев дека сакам да правам нешто креативно, и додека студирав. Од таму започна сè. Така го добив одговорот… Искрено не ме кочеше ништо, тогаш имав некоја стагнација во животот и студиите. Се чувствував како премногу време да поминувам и давам за факултетот, а немав којзнае какви резултати во тој момент… „5до12“ ми беше една позитивна работа во животот“, вели таа.

стефанија
Фото: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ / В.Т.

Ја прашавме како дошла на идеја за името на нејзиниот бренд.

„Приказната со името „5до12“ не ја знаат многу луѓе. И одлуката за името беше во 5до12 (се смее). Името настана на факултет. Додека работев на проекти со другарка, секогаш излегуваше нешто, секогаш улетувавме во последен момент и се смеевме дека ако имаме некогаш сопствено студио ќе го наречеме „5до12“. Кога почнав со бизнисот, на другарка ми Калина ѝ кажав дека тоа е вистинскиот избор за име. Јас сум човек кој повеќето работи ги прави во последна минута. Особено ако се натрупаат нарачки. Но, името исто така значи дека може и во 5до12 да се купи подарок“, таа ни раскажа низ насмевки, велејќи дека името е многу звучно и има големо значење за нејзиниот бренд.

Стефанија Атанасовски
Дел од рачната изработка на Стефанија / Фото: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ / В.Т.

Стефанија вели дека на „5до12“ не гледа како бизнис, туку повеќе како хоби. „Оваа работа ме исполнува и релаксира. Не го ставам акцентот на бизнис или профит, туку го правам за душа. Го правам тоа што го сакам“, вели таа.

Кога почнала со работа, иако неочекувано, уште од самиот почеток имала одлични реакции од луѓето, сè прогресило премногу брзо и дошла до момент кога морала да се одлучи дали ќе се посвети на нејзиното хоби или ќе ги продолжи студиите. Видела голем потенцијал во ова и решила да даде шанса на сопствениот мал бизнис.

„5до12 е креативна работилница, воглавно со персонализиани производи. Потрагата по персонализиран подарок ме натера да почнам да го работам ова, отсекогаш сум обрнувала премногу внимание за подароците за мои драги луѓе, отсекогаш сум сакала да биде посветено на човекот, да го погодам во срце. Така се случи со мајка ми, барав подарок за нејзиниот роденден и решив да ѝ направам нешто од дрво, ѝ направив беџ инспириран од Дејвид Боуви. Така сфатив колку на човек му значи ваков вид на подарок, а тогаш не знаев ни дека ќе имам сопствен бизнис“, ни раскажува Атанасовски.

 

Стефанија Атанасовски
Стефанија Атанасовски / Фото: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ / В.Т.

Секако, на почетокот таа имала мали двоумења, не била сигурна дали ја донела вистинската одлука и вели – „Единствениот страв ми беше како ќе се одвива оваа приказна паралелно со студиите. Не зависеше сè од мене, имаше многу различни аспекти. Единствениот страв ми беше што ако згасне, не тргне, не се развива – за среќа тој страв не траеше многу долго“.

Од една страна почнала поинтензивно да ја работи работата што ја сака и исполнува, но од страна добивала секакви коментари особено за факултетот.

„Некако успеав да ги исклучам сите тие муабети затоа што си верував себеси. Сакав да си покажам себеси дека јас можам да го направам тоа. За да успееш мораш да си веруваш себеси и да се вложиш. Треба да си сигурен што точно сакаш. Најчесто кога се мислиме меѓу две работи не можеме да тргнеме по еден пат. Треба да си веруваш, јас бев убедена дека се пронаоѓам во ова максимално. Не можам да го одвојам „5до12“ од мене. Се пронајдов сто проценти во ова, и знаев дека и ако го завршам факултетот, пак ќе се занимавав со нешто слично. Никогаш не се покајав, сето ова го гледам како позитивно искуство што ми донело нешто сосема друго, а свое“, вели таа.

Стефанија Атанасовски
Дел од рачната изработка на Стефанија / Фото: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ / В.Т.

Стефанија смета дека клучот е во трпението. Секако, пандемијата влијаела и на нејзината работа, но, таа дополнително ја инспирирала и мотивирала. Токму за време на карантините сите посегнавме по онлајн купување, се роди потребата да си го разубавиме секојдневието или некому да му го направиме денот поубав со мал знак на внимание.

„Сите очекуваат дека кога ќе почнат нешто тоа веднаш ќе прогресира, затоа најчесто и се откажуваат луѓето. Мора да пробуваш, мораш да ексеприментираш цело време – конзистентноста е многу важна, затоа што кога ќе видат дека ќе „испариш“, луѓето по некое време те забораваат. Јас имав таков период во 2020 година кога бев заглавена во карантин во Грција и не можев да се вратам дома. Првите два месеци пуштив неколку тури со производи за Скопје, и после кога затвори сè немав како да работам. Тоа беше токму пред нова година, и тогаш добив идеја да правам онлајн честитки – пост пандемиските честитки ме „извадија“. Имаше премногу интерес. Сите бараа грам среќа. Тоа ме извлече од „мртвиот“ период. Тоа ми беше ептен убав момент затоа што се вратив во шема“, се сеќава таа.

Стефанија Атанасовски
Фото: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ / В.Т.

Стефанија Атанасовски со „5до12“ беше дел и од Скопје прајд. Па ја прашавме да ни раскаже како си поминала и како реагирале луѓето на нејзините производи.

„Скопје Прајд беше дефинитивно еден од најубавите моменти за мене и за „5до12“. Јас три четири пати имам направено Прајд колеции. По првата парада, имаше различни мислења – и позитивни и негативни, ме интересираше како ќе реагираат луѓето за производи од „5до12“ во однос на ЛГБТИ. Имаше многу интерес. Тогаш направив една прајд колекција, а потоа и уште неколку пати. Овојпат се подготвував да направам најголема колекција досега – го гледав ова како голема шанса и нешто за што вреди да се посвети внимание. Ја направив целата колекција, од Скопје Прајд ми пишаа за штанд пред почетокот на парадата и нормално веднаш прифатив, затоа што сакав да ја видат колекцијата што повеќе луѓе, да биде таму каде што треба да биде. Многу ми беше мило, имаше ненормален интерес. Најубав ден дефинитино“, раскажа таа.

Стефанија со „5до12“ веќе трета година е дел и од фестивалот „Македокс“.

„Тоа е многу важен момент за мене, јас сум поранешен волонтер на „Македокс“ и секогаш со душа го чекав август – специјално за „Македокс“. Се спремам и за оваа година“, ни откри таа.

На прашањето што е следно, со кое темпо би продолжила, дали би сакала да го прошири бизнисот и во која насока сака да се движи „5до12“ таа вели сега е во период кога поради зголемениот обем на работа не може да продолжи да работи сама.

„Пред некое време објавив дека ми требаат цртачи, затоа што сама веќе ми станува премногу. Иако ми беше тешко да го проголтам тој момент, дека не можам сè да направам сама – имам потреба да вклучам повеќе луѓе во ова, да се прошири тимот. Не знаев дали ќе има интерес, се пријавија неколку девојки, пробааа и ми се допадна нивната работа. Сега полека полека, почнуваат да ми помагаат. За понатаму, секако, планирам поголем тим… Немам посебни планови за иднината, но, го гледам „5до12“ како нешто поголемо. Би сакала и поголем простор, каде би цртале луѓе заедно со мене“, вели Стефанија.

Стефанија Атанасовски
Дел од рачната изработка на Стефанија / Фото: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ / В.Т.

Ја прашавме и што би му порачала на секој што се колеба да започне свој бизнис?

„Најважно е да се следиш себеси, да бидеш многу сигурен во тоа што ќе одлучиш да го работиш. Ако не си многу сигурен, ако тргнеш со несигурност и таков впечаток ќе оставиш кај другите. Несигурноста се чувствува и ја шириш наоколу. Ако видат луѓето дека имаш чиста замисла за тоа што го работиш мислам дека им даваш добар впечаток и тоа ги тера да купат од тебе затоа што ти веруваат. Ти си сигурен и тоа го покажуваш на другите. Се држам до правилото дека муштеријата секогаш е во право – тоа мора да се следи. Некогаш ги сфаќав многу лично работите, но научив дека на крај мора да избориш до десет. Сепак, муштеријата е секогаш во право, дури и кога не е, е!“, порача
таа.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Седлоски: Имаме супер резултат, но Динамо сè уште е фаворит

Следно

ФОТО | Мицкоски на средба со Орбан: ЕУ интеграциите се неопходни, но достоинствено и со зачувување на идентитетските обележја на народот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian