Во вторник со почеток од 21.00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се игра реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите помеѓу македонскиот првак Шкупи и Динамо Загреб.
На стадионот „Максимир“ во првите 90 минути немаше победник, односно резултатот беше 2:2, на кој повеќе се радува составот на тренерот Гоце Седлоски кој и натаму вели дека „модрите“ се фаворити во овој двомеч.
Во редовите на хрватскиот првак предводен од Анте Чачиќ секако ќе бидат и двајцата наши репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми.
Фудбалерите на Динамо расположени отпатуваа за Скопје, за навечер е закажана прес-конференција на која тренерот Чачиќ ќе ги сподели очекувањата, а потоа ќе го имаат и официјалниот тренинг.
Главен судија на утрешниот дуел ќе биде Данецот Јакоб Кехлет, ќе му помагаат неговите сонародници Ларс Хумелгаард и Виктор Ските.