Летниот бран на зголемен број на ковид-позитивни случаи во земјава се должи на новата подваријанта на Омикрон сојот именуван БА.5, кој е присутен во голем број од инфекциите. Тој практично сосема ја заобиколува одбраната стекната од прележувањето на досегашните соеви, но и од вакцинацијата, па сосема очекувано во периодот што следи да се шири експресно за што сме сведоци деновиве, токму од зголемениот број на нови инфекции меѓу граѓаните.
Со овие зборови д-р Илчо Ефковски специјалист по трудова медицина за „Слободен печат“ ја согледува моменталната епидемиолошка слика во земјава по порастот на бројките во дневната статистика на заболени од ковид -19 од Министерството за здравство.
Д-р Ефковски посочува дека колективниот имунитет за кој многу се зборуваше не е нешто што би требало да се ослониме за заштита од новиот сој БА.5
– Она што денеска го гледаме преку зголемениот број на инфекции е резултат на мешањето на многуте видови од ковид соеви со доаѓањето на иселениците во земјава, заминувањето на одмор на граѓаните и масовните собири кои според мене се дел од причините за големиот број на новоинфицирани во земјава – посочува д-р Ефковски.
Според него, пикот на летниот ковид бран се очекува да биде за две до три недели од сега, а до тогаш тој апелира до Владата и Комисијата за заразни болести да ги затегнaт обврските за безбедноста на работата бидејќи главно заразување на граѓаните настанува на работното место или преку социјализацијата на граѓаните во големи групи.
– Најдобро избегнување на инфекцијата е да се избегнуваат собири и комуникација во затворен простор. Носењето на маската КН-95 е докажана превентива од вирусот во затворените простории во кои има лица кои не се од вашиот дом. Понатаму задолжителна вакцинација за сите лица над 50 години кои се вакцинирани пред 6 или повеќе месеци е неопходна. Се увиде дека и покрај вакцинацијата со трета бустер доза новите соеви успешно се шират – посочува д-р Ефковски.
Специјалистот по трудова медицина д-р Ефковски во исто време апелира до надлежните навремено да размислуваат на мерките за заштита во пресрет на училишната година кога според него, лани направи бум со нови инфекции во државата.