И Динамо Загреб одржа прес конференција по повод реванш натпреварот од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите во вторник (26 јули) против Шкупи на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје со почеток од 21.00 часот.
Првиот дуел на стадионот „Максимир“ заврши 2:2, резултат на кој повеќе се радуваше македонскиот шампион, но и најавува продолжување на возбудувањата во овој двомеч.
Тренерот на чаирчани, Гоце Седлоски вели дека и на возвратната пресметка неговиот поранешен клуб ја има фаворитската улога.
Истата ја прифаќа и стратегот на „модрите“, Анте Чачиќ кој воедно е свесен дека Шкупи ќе направи сè за да го изненади Динамо.
– Го чекаме реваншот, двомеч кој ќе каже кој оди понатаму во Лигата на шампионите. Како гостински тренер ја прифаќам улогата на фаворит. Со почит кон домашната екипа, мислам дека Динамо е подобриот тим. Ќе направиме сè за да бидеме подобри од првиот натпревар. Имаме квалитетен состав, повеќе искуство во Европа, дојдовме овде со вжештени глави и чисти срца, сакаме да го направиме она што се очекува од нас. Шкупи сака да направи изненадување, а ние ќе се обидеме да го спречиме. Можеби не треба да кажам, но Шкупи има тројца добри напаѓачи, добри се и во средниот ред, имаат добра длабочина и енергија. Сè се врти околу Алварез, тој ми се чини дека е најважен – вели Чачиќ.
Воедно од хрватскиот клуб информираат дека пренос од реваншот Шкупи – Динамо Загреб ќе има „ХРТ2“.