Како фотографија со Груевски во Будимпешта расплете пикантни приказни и невистини во Скопје

5 mins read

Фотографија од случајна средба со екс премиерот Никола Груевски на улица во Будимпешта предизвика кошмар за младата жена која се сликаше со него и ја објави фотографијата.

Информацијата дека сопругата на Груевски, Боркица, во неможност да ја лоцира неговата точна адреса во Будимпешта, на екс премиерот и осуденик за разни кривични дела на затворски казни во Македонија, барањето за развод му го испорача преку Службен весник, што ги подгреа дополнително шпекулациите за приватниот живот на брачната двојка Груевски, која не живее со него откако тој пребега во Унгарија и зеде азил во 2018 година. Боркица Груевска пред 15 години се омажи за Груевски, но последните четири години од бракот ги помина во Скопје со двете ќерки Софија и Анастасија.

Во изјава за „Фокус“, младата жена која се најде на фотографијата со Груевски, рече дека ќе го тужи лицето кое од нејзиното „стори“ предизика шпекулации и ширење на лажни информации за неа, претставувајќи ја како „девојка на Груевски“, наспороти вистината дека станува збор за сериозна семејна жена, посветена мајка и почитувана здравствена работничка која случајно го сретнала на улица во главниот град на Унгарија.

-Во Будимпешта престојував неколку пати изминатиов период, поради здравствени причини. При последната посета во градот, навистина го сретнав на улица, го поздравив, му се претставив. Кратко поразговаравме, тој се интересираше за причината поради која сум во Будимпешта, стануваше збор за краток и културен разговор, а потоа, спонтано го прашав дали може да се фотографираме. Се согласи, и така беше направена фотографијата која еве денес, ни донесе низа на непријатни искуства мене и на моето семејство – раскажува таа за Фокус без да биде именувана.

Таа во телефонската изјава објаснува дека нејзиното семејство било вознемирено од низата објави на невистини и шпекулации во потрага по сензации.

-Против лицето кое ја изврши злоупотребата на мојата приватна фотографија ќе бидат преземени сите законски мерки, и се надевам дека мојата исповед за ,,Фокус” ќе допринесе јавноста да ја дознае вистината – раскажува вознемирената жена и додава дека ова е класична злоупотреба сторена од пакост.

Од друга страна, екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој редовно преку социјалните мрежи коментира разни настани и случки во Македонија и пошироко не објави ништо за оваа фотографија. Во годините од неговиот азил во Будимпешта Груевски  ретко беше фотографиран, претежно од страна на унгарските медиуми, со женски лица, освен на некои приватни забави каде беше фотографиран во придружба на хостеси на настаните.

Четири години во Унгарија

Никола Груевски во ноември 2018 година побегна од Скопје по мистериозни канали и се вдоми во Унгарија со политичкиот азил кој му го даде неговиот долгогодишен пријател и колега, премиерот Виктор Орбан.

Во Унгарија минатата година отвори компанија за деловни консултации, која  исто така е лиценцирана да спроведува широк спектар на други активности, како што се трговија на големо со порцелан, стакларија и производи за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; управување со средства; и рекламирање, односи со јавноста и комуникација.

Неговата фирма за кратко време од своето постоење, односно за пет месеци успеа да оствари профит од 10.000 евра, објави унгарската деловна веб-страница mfor.hu. 

Барања за екстрадиција и затворски казни

Министерството за правда поднесе барање за екстрадиција на Груевски поради правосилната двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“ за купувањето на владиниот мерцедес преку МВР, која беше причина за неговото бегство од Македонија. Екстрадицијата беше одбиена од страна на унгарскиот суд во 2019 година, а оттогаш наваму на контото на екс премиерот Груевски легнаа уште две затворски казни.

Имено, Советот од Кривичниот суд во Скопје за случајот „ТНТ“ во мај годинава му пресуди деветгодишна казна затвор, а за случајот „Талир 2“ во кој беше и конфискувано партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, во јуни Груевски е осуден на шестгодишна затворска казна.

За „Плацевите на Водно“ во април годинава е осуден на 7 годишна затворска казна. Истиот ден Груевски и Мијалков беа ставени на црната листа на САД. Месец дена потоа Министерството за правда најави дека ќе поднесе ново барање за негова екстрадиција од Унгарија.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Овие луѓе се навистина посебни: Кој е најреткиот хороскопски знак?

Следно

Орбан: На ЕУ и треба нова стратегија за војната во Украина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian