ЕВРОПОЛ : Оружјето наменето за Украина завршува на Балканот

4 mins read

Агенцијата за спроведување на законот на Европската унија (Европол) ги потврди извештаите на германските медиуми дека постојат индиции дека се шверцува оружје од Украина на територијата на Европската унија но и во регионот.

„Свесни сме за случаи на продажба на огнено оружје и воена опрема на нелегалниот пазар“, изјави портпаролот на Европол, Јан Оп Ген Орт и со тоа го потврди извештајот на германскиот јавен сервис СВР, пренесува Дојче веле.

Оружје во замена за пари или услуги

 

Истражните органи од земјите на Европската унија собрале и информации за шверцот на тешко оружје.

„Постои голема опасност ова оружје да падне во рацете на организираниот криминал“, изјави портпаролот на Европол.

Во својот извештај СВР се повикува на внатрешни досиеја на Европол, според кои „криминалните мрежи во регионот се активни и спроведуваат и подготвуваат шверц на големи количини огнено оружје и муниција“. Исто така, постојат индиции дека оружјето наменето за понатамошен транспорт тајно се складира вдолж украинско-полската граница.

Пронајдено оружје во дом на Скопјанец/Фото: МВР
Пронајдено оружје во дом на Скопјанец/Фото: МВР

„Членовите на бандите легално ја минуваат границата и потоа одат во тајни магацини за да набават оружје“, се цитираат внатрешните досиеја.

Европол исто така евидентира и случаи во кои поединци се обиделе да ја преминат границата со Полска носејќи воено оружје. Во документот се наведува и дека земјите кои примиле голем број бегалци стравуваат дека многу од оние кои побарале помош донеле оружје со себе.

„Бегалците сакаат да продаваат оружје или да го користат за да платат услуги. Веќе се забележани случаи кога бегалците се обиделе да платат за такси превоз со оружје“, се вели во извештајот.

Не научените лекции од југословенските војни

Според портпаролот на Јан Оп Ген Орт, на Даркнет (тајна интернет мрежа за пазарување) се појавиле понуди за продажба на противоклопни ракети Џавелин од американско производство. Во исто време, сепак, се посочува дека овие понуди треба внимателно да се проверат и да се потврди дали се работи за реални понуди или за руска пропаганда.

„Овие реклами би можеле да бидат дел од руската пропаганда за да се создаде негативно расположение кон западните испораки на оружје за Украина“, рече портпаролот.

Германските медиуми посочуваат дека за време и по војната во Југославија бил евидентиран шверц на воено оружје на територијата на поранешна држава. Претставникот на германската партија на Зелените, Константин фон Ноц изјави дека мора да се извлечат поуки од војните во Југославија.

„Од болните искуства од војната во Косово знаеме дека оружјето за војна претставува голем безбедносен ризик. Воените оружја често завршуваат во рацете на екстремистите и организираниот криминал“, заклучи Фон Ноц.

Терористичките напади во Париз во 2015 година беа делумно извршени со оружје со потекло од поранешна Југославија. Кај некои од терористите дури биле пронајдени и противтенковски ракети од југословенско производство.

Претставникот на партијата Левица, Озлем Демирел, истакнува дека оружјето на Бундесверот, кое Германија го испрати до курдските борци, многу брзо се појавило на локалните пазари.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ердоган: Во следните денови ќе почне извозот на жито преку Црно Море

Следно

Фаталната Ава Гарднер: Најголемата љубов на Френк Синатра и Ернест Хемингвеј

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian