Реакција на Советот за македонски јазик при Владата: Македонскиот јазик станува еден од службените јазици во ЕУ

4 mins read

Советот за македонски јазик при Владата на Северна Македонија реагира на нападите од младите македонисти и професорската и научната фела за унилатералната изјава што Владата ја поднесе во ЕУ при почетокот на преговорите за членство, кои тие ја оценуваат како „грубо фалсификување на лингвистичките факти и на проучувањата на македонскиот јазик“.

-Како што е пропишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик, заедно со своето кирилско писмо, е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи. Литературниот/стандардниот македонски јазик конечно е кодифициран во 1945 година, како резултат на подолг процес на културна и писмена активност. Во согласност со сознанијата затврдени со широкоприфатените теории и емпириските теренски истражувања на современата домашна и светска славистичка и лингвистичка наука, македонскиот јазик има свој историски, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на посебниот развој на сите негови дијалекти и на неговиот дијалектен континуум кои се распространети на целиот негов говорен простор. Во основата на современиот македонски стандарден јазик лежат централните говори на западното наречје, односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес. Македонскиот јазик е словенски јазик што спаѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ, пишува Советот за македонски јазик при Владата.

Оттаму нагласуваат дека уште во 19 век, а особено во неговата втора половина, македонските преродбеници пишуваат на централните говори на западното наречје и, како што вели првиот кодификатор на македонскиот јазик Крсте Мисирков во 1903 година, тие централни говори се обединувачки и современиот македонски литературен јазик мора да се заснова врз овие говори.

-Истото го прави и Комисијата за јазик кога во 1945 година ги усвојува современата македонска азбука и современиот македонски правопис. Истите принципи ги афирмира и првата научна Граматика на македонскиот литературен јазик напишана од светски реномираниот лингвист Блаже Конески. Овие принципи се прифатени од македонскиот народ во македонската држава и надвор од неа, во нејзиното опкружување на Балканот, во Европа и пошироко во светот, секаде каде што живеат Македонци. Македонскиот јазик е административно прифатен на Третата конференција на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година, и е впишан во картата на јазиците на ООН, констатира Советот за македонски јазик.

Исто така посочуваат дека македонскиот јазик се изучува на многу институти и катедри по славистика и балканистика, како и на голем број лекторати на факултети и на универзитети, и во други научни центри низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неспорен факт во лингвистичката наука. Бројни културни и литературни дела создадени на македонски јазик од автори од државата и надвор од неа се добитници на домашни и на меѓународни награди и признанија.

-Склучувањето договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската Унија што содржат јазична одредба со наведување на сите официјални јазици на ЕУ, каков што е Договорот за соработка со Фронтекс, се врши со именување на македонскиот јазик без какви и да е објаснувања, додавки или фусноти. Република Северна Македонија никогаш нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа што е наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ, македонскиот јазик станува еден од службените јазици на ЕУ, заклучува владиниот Совет за македонски јазик.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Што прави денеска: Емилија Мицeвска Трајковиќ, актерка

Следно

Шкупи ги пушти во продажба билетите за реваншот против Динамо

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian