Ниту два месеци откако Килијан Мбапе го откачи Реал Мадрид и го продолжи договорт со ПСЖ не се доволни челниците на Ла Лига да се помират со тоа и најавија продолжување на „војната“ со францускиот тим.
Ла Лига и нејзиниот претседател Хавиер Тебас денеска побараа од Управниот суд во Париз да го поништи договорот на Мбапе со ПСЖ, пренесува АФП.
Ла Лига исто така бара поништување на валидацијата на клупските сметки од Националната дирекција за контрола и управување (ДНЦГ).
Двете барања беа одбиени, но од Судот во Париз порачаа дека нема да носат итна одлука туку истите ќе бидат разгледани во наредниот период.
– Ја очекувавме оваа одлука. Тоа беше техничка жалба и можно е конечната одлука да не биде донесена пред крајот на сезоната 2022/2023 – изјави адвокатот на Ла Лига, Хуан Бранко.

Адвокатот порача дека Ла Лига е подготвена да оди до крај со случајот Мбапе.
– Сакаме да се појавиме пред судовите во Франција, но наидуваме на голем отпор. Ова е само првиот чекор пред да одиме во европските судови за неколку месеци – додаде Бранко, кој смета дека ПСЖ не ги почитувал правилата на Лига 1, ДНЦГ, како и финансискиот фер-плеј на УЕФА.
Бранко го обвини францускиот шампион за финансиски малверзации, односно за водење лажно сметководство со измислени буџети, како и „формирање систем на спонзори што се директно зависни од Катар“.
ПСЖ е во сопственост на кралското катарско семејство.