„Црвено-црн“ јубилеј: ФК Вардар денеска слави 75 години од формирањето

4 mins read

Најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија, ФК Вардар денеска го слави својот 75 роденден.
Клубот е формиран на 22 јули 1947 година со фузија помеѓу тогашните клубови Победа и Македонија, а основачкото собрание се одржа во киното Вардар.

Првите бои на ФК Вардар биле сината и белата, но веќе на следното собрание било одлучено новите бои да бидат црвена и бела. Сегашната „црвено-црна“ боја е усвоена по земјотресот во 1963-та година.

Во 1961. година Вардар триумфираше во Купот на поранешната СФРЈ откако ви финалето беше поуспешен од Вартекс со 2:1.

На 40 години од основањето, Вардар го оствари најголемиот успех, генерацијата предводена од Панчев, Рингов, Најдоски, Станојковиќ, Јаневски, Канатларовски, Сетинов која од клупата беше предводена од Андон Дончевски триумфира во Првата југословенска лига во сезоната.

По распаѓањето на Југославија и Македонија стана независна држава, Вардар е најтрофеен клуб во Првата македонската лига со 11 титули, а има и пет трофеи во Купот на Македонија.

Но, Вардар во последните години ги прожива најтешките моменти во клупската историја поради катастрофалната работа на претходното раководство предводено од Сергеј Самсоненко. Вардар за прв пат од осамостојувањето на Македонија, минатата година испадна во Втората лига и годинава ќе се обиде да се врати во Првата фудбалска лига.

– 75 години поминаа од денот како Вардар се роди за да биде гордост на Македонија и за тие 75 години, од 22 јули 1947 година до денешен ден, Вардар останува фудбалска и спортска приказна која носи радост и гордост на секој Македонец.

Најголемиот фудбалски бренд се роди во киното Вардар на денешен ден во 1947 година со спојувањето на тогашните два клуба Македонија и Победа со една цел, Скопје да добие еден клуб кој масовно ќе го промовира и развива спортот. И „црвено-црните“ за 75 години успеаа во тоа – Вардар е победа, Вардар е Македонија. Целта на фузијата во рамките на тогашна Југославија беше да победува Македонија.

Во овие 75 години, во Вардар продефилираа илјадници играчи, за Вардар се истрчаа милиони километри, се пролеаја „тони пот“, се водеа битки за трофеи, но и за опстанок и на крајот секој пат, радоста ја победуваше тагата, а гордоста по секоја победа беше уште поголема. За Вардар како река течеле солзи и по порази и неправди, но и радосници по победи и успеси.

Вардар со години во некогашната југословенска федерација беше страв и трепет на свој терен дури и за претендентите за највисок пласман. Шампион на Југославија во сезоната 1986/87, освојувач на Купот на Југославија во 1961 година, 11 пати првак на Македонија и пет пати освојувач на националниот Куп. Прв македонски фудбалски клуб што заиграл во европските купови, прв и засега единствен што играл во групната фаза од Лига Европа.

Вардар е радост. Вардар е гордост. Вардар e живот. Вардар е љубов.

Вардар е нераскинлива врска помеѓу скопјани и својот миленик, тоа е љубов кога се раѓа со првото стапнување на стадион.
Едноставно, Вардар е една љубов, еден живот.

И одново „црвено-црните“ ќе жарат и палат и пак ќе се ори „ој Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија“ на „Градски“.
Среќен роденден Вардаре! – напиша ФК Вардар.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Герасимовски: МВР изврши увид во катната гаража кај ТЦ „Буњаковец“ – оштетени се вкупно 18 возила и приведено 1 лице

Следно

Британецот кој го остави семејството за Украинка прими уште двајца бегалци

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian