Голманот Мартин Томовски реши да остане во Вардар 1961

2 mins read

Македонскиот репрезентативец реши да не го напушта клубот во тешките моменти низ кои минуваат црвено-црните и да си го одработи договорот до крај, иако имал понуди и од други клубови

Марин Томовски (25), голманот на РК Вардар 1961, реши да остане во клубот и да си го доработи договорот кој му истекува со крајот на идната сезона.

Откако настана познатата ситуација со исклучувањето на Вардар од Лигата на шампионите за претстојната сезона од страна на ЕХФ, дилемата беше дали репрезентативниот голман ќе остане во Вардар или ќе побара нова средина каде ќе може низ европски натпревари да ги искористи своите вредности.

Откако добро размисли Томовски, реши да остане во Вардар. Тоа беше желбата и на првиот човек на клубот Михајло Михајловски, кој изјави дека се надева оти Томовски ќе остане во Вардар, иако клубот ќе апстинира од мечевите во ЛШ 2022/2023.

– Останувам во клубот. Потполно сум сигурен во тоа. Од понеделник почнуваат подготовките. Ќе може да ги одредиме и целите за идната сезона. Но сигурно ќе бидат одбрана на двете титули, во Првенството и во Купот. Пред тоа ни следува и Суперкупот. Ќе сакаме и него да го освоиме – вели Томовски.

Неговиот договор со Вардар е една плус една година и му останува уште една сезона да го доработи.

– Имав и други понуди за идната сезона. Интерес покажаа и други клубови, но не ги задоволуваа моите критериуми. Вардар минува низ тешки моменти, но решив да бидам дел од тоа и да си го одработам договорот до крај – изјави Томовски.

Тој во Вардар дојде од германскиот клуб Лудвигсхафен на почетокот на минатата сезона.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Албанската влада ја усвои новата реорганизација на судството

Следно

Оскаровката Џулијан Мур на чело на жирито на Филмскиот фестивал во Венеција

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian