Бугарија и Србија единствени во Европа под надзор на Вашингтон поради трговија со луѓе

9 mins read

Северна Македонија е во втората категорија земји, главно од поранешниот источноевропски блок, чии влади „нецелосно ги исполнуваат минималните стандарди, но прават значителни напори да ги задоволат стандардите“

САД ги издвоија Бугарија и Србија како единствените две земји во Европа за кои е неопходен засилен надзор поради трговија со луѓе, наведено е во новиот годишен извештај на Стејт департментот.

Во првата категорија, како земји чии влади „целосно ги исполнуваат минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе“ се повеќето западноевропски земји со развиени демократии, со исклучок на Португалија, Ирска, Италија, Швајцарија, Данска и Норвешка. Северна Македонија е во втората категорија земји, главно од поранешниот источноевропски блок, чии влади „нецелосно ги исполнуваат минималните стандарди, но прават значителни напори да ги задоволат стандардите“. Бугарија и Србија се чекор пониско, во категоријата земји за кои е наведено дека покрај нецелосното исполнување на минималните стандарди, „бројот на жртви на тешки форми на трговија е значителен или значително се зголемил, а властите не презеле пропорционални конкретни акции“ или, пак, властите не покажале докази (истраги, гонења и судски пресуди) на засилени напори за борба против тешките форми на трговија со луѓе.

Во последната категорија од Европа се издвоени Русија и Белорусија, како „земји што не ги задоволуваат минималните стандарди и не прават значителни напори за да ги задоволат“. За оваа категорија, во која покрај Русија и Белорусија се и Кина и Иран, како и многу други земји од Африка, Азија и Централна Америка, Стејт департментот истакнува дека може да бидат предмет на санкции поради недејствувањето поради трговија со луѓе.

Засилени напори на македонските власти

Македонија седма година по ред е рангирана како земја што не ги исполнува целосно минималните стандарди, но прави значителни напори да ја елиминира трговијата со луѓе.

Наведено е дека властите „демонстрирале општо засилени напори во споредба со преходниот период“.

Се забележува дека Канцеларијата за гонење организиран криминал и корупција нема доволно средства и вработени лица за да ги обработи сите случаи за кои е надлежна.

Во врска со случаи за сексуални услуги или принудна работа во 2021 година властите истражиле еден случај на трговија со луѓе со три осомничени лица, во споредба со 6 случаи со 13 осомничени лица во 2020 година. Едно лице било обвинето во отсустви за трговија со деца заради сексуални услуги и принудна работа, при што му била изречена казна од 12 години затвор.

Властите ги засилиле напорите за заштита на жртвите на трговија со луѓе. Во 2021 година биле идентификувани 48 жртви, од кои 39 биле државјани на Тајван, а една од Русија. Вкупно 40 жртви биле принудени на работа, со две се тргувало заради секусални услуги, две биле жртви на сексуална трговија и принудна работа, а четири на принудна работа преку склучување брак. Мнозинството, 36, биле мажи, шест биле жени, пет девојки и едно момче.

Во профилот за трговија со луѓе за Северна Македонија е наведено дека жени и деца се изложени на принудна работа и сексуални услуги во ресторани, барови и ноќни клубови.

Издвоен е примерот на тајвански трговци, кои ангажирале тајвански работници со лажни ветувања за работа во Северна Македонија, но на жртвите им ги одзеле пасошите, им ги задржувале платите, им го ограничиле движењето и формирале „кол-центар“ во кои Тајванците попусто се јавувале.

Во извештајот на Стејт департментот за Северна Македонија се додава дека трговците вообичаено регрутираат жртви од земји во Источна Европа и од Балканот, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Романија, Русија, Србија и Украина. Лица од Македонија, пак, биле индентификувани како жртви на трговија заради сексуални услуги и принудна работа во земјоделството и градежнишртовот во земји од јужна, централна и западна Европа.

Синџири за трговија во Бугарија

Во извештаите за Бугарија и за Србија е наведено дека е неопходен надзор, бидејќи властите не демонстрирале севкупно засилување на напорите против трговијата со луѓе во споредба со претходниот период.
За Бугарија се забележува дека судовите продолжиле да објавуваат условни казни за повеќето обвинети трговци со луѓе, што ги поткопало пошироките напори за борба против трговијата. Издвоени се и проблеми во координацијата, бидејќи властите идентификувале 42 деца како жртви на трговија, но владата не објавила дека кое било од децата добило помош. Се истакнува дека жртвите се и од Бугарија и од други земји.

– Бугарија останува една од главните извори на трговијата со луѓе во Европската Унија. Чувствителните групи вклучуваат невработени лица, деца во центри за згрижување, сексуални работници и членови од ромската заедница – наведува Стејт департментот.

Трговците, според извештајот, ги злоупотребуваат бугарските жени и деца низ Западна Европа и низ Бугарија, особено во главниот град, одморалиштата и пограничните места. Повеќето жртви на трговија заради сексуална злоупотреба се жени и девојки од турска или ромска етничка припадност, главно од посиромашните средини. Синџирите за трговија главно се составени од бугарски трговци, кои соработуваат со странци во други земји во кои ги „испорачуваат“ луѓето, но и кои немат директни врски со организирани криминални групи. Забележан е зголемен број мажи и момчиња што се принудени да работат низ Европа главно во земјоделството, градежништвото и во секторот на услуги, како и бројот на девојки и жени што се принудени на бракови. Трговците исто така префрлаат деца во Австрија, Франција и во Шведска, принудувајќи ги на питачење.

Србија не ги заштитила Виетнамците од Зрењанин

Како главна причина за спуштање на Србија во една категорија пониско е истакнато дека „властите не ги истражиле целосно кредибилните наводи дека близу 500 работници од Виетнам биле изложени на принудна работа во фабрика за гуми во сопственост на кинеска компанија во Зрењанин“.

– Регрутни агенции во Виетнам организирале транспорт, визи и сместување и за овие услуги на виетнамските работници им наплатиле помеѓу 2.000 и 4.000 долари. Во март 2021 година близу 500 виетнамски работници дошле во Србија за да работат во фабрика за авионски делови, за што им била ветена плата од 775 евра месечно. Но, локални невладини организации и медиуми јавија дека од ноември 2021 година тие станале жртви на принудна работа, им биле одземени пасошите, им биле ограничени движењето и комуницирањето, им се заканувале и биле заплашувани, им била задржувана платата, биле принудени на прекувремена работа, а не добиле соодветно сместување и доволно храна. Владата не извести за целосна истрага на овие кредибилни тврдења – се наведува во извештајот.

Во профилот за трговија со луѓе е истакнато дека трговци експлоатираат и српски и странски жртви во Србија, во соседни земји и низ Европа, особено во Австрија, Германија, Италија и во Турција.

– Трговците експлоатираат српски државјани, главно мажи, на принудна работа во градежната индустрија во Австрија, Белгија, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Црна Гора, Русија, Швајцарија и во Обединетите Арапски Емирати. Трговците експлоатираат српски деца, особено Роми, за сексуални услуги, принудна работа, питачење и ситен криминал – се наведува во извештајот на Стејт департментот.

Како странски жртви на трговија со луѓе во Србија биле идентификувани лица од албанија, Камерун, Хрватска, Данска, Германија, Мали, Нигерија, Северна Македонија и Пакистан.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

20 нови улици и два спортски комплекси се градат во Бутел

Следно

Сандра Перковиќ освои сребрен медал, но влезе во историјата на Светските првенства

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian