Рецепт на Стефанија Несторовска: Мафини со грчки јогурт за појадок полн со протеини

4 mins read

Стефанија Несторовска која стои зад инстаграм профилот и блогот snestorovska.com ви го претставува еден од нејзините омилени појадоци. Ако сте ги пробале нејзините палачинки со грчки јогурт – тогаш вкусот ќе ви биде многу познат.

Не е тајна дека Стефанија сака да готви со грчки јогурт, бидејќи печивата ги прави многу кремасти и уште повкусни.

Овие мафини се одлични за појадок, полни со протеини од грчкиот јогурт, јаглехидрати од овесот и совршено благи, но не премногу.

Појадок мафини со грчки јогурт (coffee cake)

Состојки:

За мафини:

– 2 јајца
– 285 г (1 филџан) грчки јогурт
– 120 мл (1/2 филџан) бадемово млеко
– 5 лажици кокосово масло, растопено
– 5 лажици кокосов шеќер
– 175 г (1+3/4 филџан) овесно брашно
– 2 лажички цимет
– 1+1/2 лажичка прашок за печиво

За топинг (по желба):

– 3 лажици кокосово брашно
– 1 лажичка цимет
– 4 лажици кокосов шеќер
– 2 лажици кокосово масло, растопено

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Се загрева рерната на 175 степени и се подготвува тава за мафини така што се премачкува со кокосово масло, за да не се залепи смесата при печењето. Мојата тава за мафини е нелеплива, меѓутоа, ако имате тава што може да лепи при печење, може да додадете и хартија за печење или каписли за поголема сигурност.

Во длабок сад се додаваат јајцата и кокосовиот шеќер и се меша сè додека не се добие соединета смеса. На оваа смесата се додаваат грчкиот јогурт, млекото и кокосовото масло. Со маталка или со дрвена лажица се меша сè додека смесата не се соедини. Смесата треба да добие боја на „кафе“ и да биде кремаста и без грутки.

Во посебен сад се додаваат овесното брашно, прашокот за печиво и циметот. Се промешува.

Садот со течната смеса се додава во садот со сувата смеса и се меша сè додека смесата не се соедини.

Смесата ќе биде прилично густа, но тоа е во ред, таква и треба да биде. Потрудете се само да биде убаво измешана и да нема грутки.

Доколку го користите и топингот – тогаш во мал длабок сад се додаваат сите состојки и се меша сè додека не се соединат.

Смесата за мафини се распоредува во калапите за мафини – се добиваат околу 10-тина мафини – зависно од големината. Мафините ќе пораснат при печењето, затоа не ги преполнувајте, оставете малку простор и за тоа. Бидејќи смесата е доста густа, малку е и потешка за распоредување, но не грижете се, ќе бидат совршено измазнети одозгора, бидејќи при печењето ќе се адаптираат на калапот.

Ако го користите топингот, распоредете го на сите мафини по малку.

Се печат 20-25 минути зависно од рерната. Мафините треба да добијат златеста боја и да бидат комплетно испечени. Оставете да се изладат пред да ги извадите од тавата.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Бадемовото млеко може да се замени со какво било млеко по желба.
→ Кокосовиот шеќер може да се замени со каков било шеќер во зрна или, пак, со течен засладувач. Ако користите течен засладувач – претпоставувам дека текстурата малку ќе се промени, но би требало да се подеднакво вкусни.
→ Овесно брашно може да си направите и сами со тоа што ќе измелите овесни снегулки во блендер сè додека не се добие текстура на брашно.
→ Доколку не го користите топингот од рецептот погоре, може да си додадете што било друго. Исечкани јаткасти плодови, шумско овошје, исечкана јаболка, кокос и слично…

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО, УФЦ: Кинез го победи „телохранителот на Путин“, па му го зедоа знамето додека славеше

Следно

Утре напладне заседава Комисијата за заразни болести, можно е да препорача воведување мерки

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian