Македонија ги почна преговорите за членство во Европската Унија!

7 mins read

Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а тридеценискиот сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја за забрзан развој, просперитет и стабилност. Граѓаните се најзаслужни за денешниот ден, рече Ковачевски во Брисел.

Ова е историска одлука, со која ја почнуваме последната етапа од остварувањето на нашата втора стратешка цел како држава, порача македонскиот премиер Димитар Ковачевски од Брисел, од седиштето на Европскиот совет, откако вчера се одржа првата Меѓувладина конференција со која беше формално означен почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.
Во свечена атмосфера, на работ на еуфорија, не само меѓу членовите на многубројната владина делегација, премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ ги поведоа новинарите да го посведочат овој важен настан и ги повторуваа аргументите и придобивките од прифаќањето на преговарачката рамка: чистиот македонски јазик во органите на ЕУ, отворањето на претпристапните фондови, почнувањето на вистинскиот пат кон просперитет на државата.

Граѓаните најзаслужни

– Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а тридеценискиот сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја за забрзан развој, просперитет и стабилност – рече Ковачевски на прес-конференцијата.

Тој нагласи дека за реализација на оваа стратешка цел се донесени тешки одлуки што бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност:

– Граѓаните се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси, за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство.

Според Ковачевски, одлуките што се донесени се патриотски и во интерес на иднината, а со нив е обезбедено зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност.

– ЕУ нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара – рече премиерот, додавајќи дека контиунираната помош од ЕУ ќе овозможи конкретна и реална поддршка за економијата.

Нашите стремежи, потенцира премиерот, се европските вредности и принципите на слобода, демократија, еднаквост како и владеење на правото.

– Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре. Но, пред се, за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата – потенцираше Ковачевски на прес-конференцијата.

Претходно, за време на првата Меѓувладина конференција тој истакна дека е свесен дека времетраењето на преговорите ќе зависи првенствено од спроведувањето на неопходните реформи и процени дека земјата преку интензивна и посветена работа има цел да стане полноправна членка до крајот на 2030 година, за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ – истакна Ковачевски, кој на македонски јазик се обрати на меѓувладината конференција за Северна Македонија.

Македонски без фусноти

На првата Меѓувладина конференција, која беше заедничка за Македонија и Албанија, нашата земја доби многу честитки за напорната работа и оценки дека пристапните преговори и ќе бидат строги и ќе бараат голема посветеност. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека отворање на пристапните преговори за двете држави е успех и резултат на истрајноста и посветеноста на европските вредности, како и на покажаната отпорност и задржаната верба во пристапниот процес. Таа нагласи дека двете земји го зацврстиле владеењето на правото, се бореле против корупцијата, имаат слободни медиуми, добро граѓанско општество, бројни реформи и ги модернизирале економиите.

– Северна Македонија набрзо ќе преговара со нас за Фронтекс и Димитар може да сметате на мојата поддршка за да се осигуриме дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички на еднакво ниво со сите 24 европски јазици – рече претседателката на ЕК.

Таа нагласи дека со отворањето на пристапниот процес ќе се зголеми соработката онака како што двете земји ќе напредуваат со преговорите.

– Ќе има зголемени инвестиции, ќе има подобрени трговски врски, поблиска соработка во клучни области, како што се енергетиката и транспортот. Ќе ја максимизирате употребата, но и ефектот од финансиите од ЕУ. Тоа значи нови работни места, нови бизнис можности и ова е она што вашите граѓани го чекаа толку долго и што го заслужуваат – рече Фон дер Лајен.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи порача дека Европската комисија е подготвена веднаш да почне со работа со скринингот за Северна Македонија, која веднаш ќе може да ги преземе обврските што ја чекаат на патот кон ЕУ.

– Вашите напори за зајакнување на владеење на правото и борба против корупцијата се за честитки, вие сте успешен модел на едно разновидно мултиетничко општество кое заслужува да го направи следниот чекор кон приклучувањето на ЕУ. Ве сакаме во ЕУ, тука нема сомнежи и ќе направиме се што можеме за да се забрза процесот на преговори – рече еврокомесарот.

Министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, како претставник на земјата претседавач потенцираше дека следната Меѓувладина конференција ќе се одржи без одлагање и други политички услови откако Македонија ќе ги изврши уставните промени и ќе ги внесе Бугарите во Уставот.

– Ве поддржуваме во вашите напори и се радуваме што ќе можеме да ве примиме како полноправна членка на ЕУ – порача Липавски.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел порача дека идентитетот е зачуван и никој досега не го загубил идентитетот на патот кон ЕУ.

– Секое човечко битите има неколку идентитети кои секогаш се компатибилни и затоа сме тука денес. Ни треба Северна Македонија за да го надополни нашиот сложен идентитет, потребни сме си едни на други, затоа што заедно сме посилни – порача Борел во своето обраќање.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Како да се изборите со бранот на тропски горештини: Брзата реакција во случај на сончаница или топлотен удар е клучна!

Следно

САД ќе купи 375 најсовремени борбени авиони Ф-35

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian