Како да се изборите со бранот на тропски горештини: Брзата реакција во случај на сончаница или топлотен удар е клучна!

5 mins read

Високите температури и високата влажност, кои се чести придружници на летото, претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето, особено ако траат неколку дена по ред. Посебно чувствителни на овие временски „неприлики“ се постарите лица, децата, трудниците и луѓето кои боледуваат од кардиоваскуларни, цереброваскуларни, респираторни, дијабетес и други хронични болести.

Состојби кои најмногу загрижуваат се сончаницата и топлотниот удар.

Топлотен удар – Најтешкиот здравствен проблем што може да го предизвикаат високите температури, поради губењето на контролата врз телесната температура и неспособноста за ладење, температурата на телото се зголемува за само 10-15 минути (40,5 степени Целзиусови или повеќе), а пулсот е забрзан (дури и над 160 отчукувања во минута). Ако не се препознае навреме, топлотниот удар може да доведе до потешки оштетувања на здравјето, па дури и до опасност по живот.

Кога ќе дојдете до таа точка, сериозно зголемената телесна температура предизвикува промени во менталниот статус, вртоглавица и на крајот може да доведе до губење на свеста. Мускулите може да почнат да пукаат, што доведува до откажување на бубрезите. Тоа го прави топлотниот удар опасен по живот, велат експертите.

Симптоми: црвена, топла и сува кожа (без потење), силна главоболка, гадење, вртоглавица, забрзан пулс, екстремно висока температура, губење на свеста.

Прва помош: префрлете го лицето во ладовина или разладено место, ставете го во лежечка положба на грб ако е свесно, ако не, ставете го на страна, кренете му ги нозете над нивото на главата, поливајте го со ладна вода. Контролирајте ја телесната температура и обидете се да ја намалите под 38 степени. Веднаш повикајте итна помош.

Не заборавајте на препораките на лекарите, за да се преземат превентивни мерки за да не дојде во вакви случаи: Пијте што повеќе течност, ако претерано се потите, внесувајте повеќе минерална вода. Избегнувајте сонце помеѓу 11 и 16 часот и изберете лесна облека од природни материјали.

Топлотна исцрпеност – Здравствен проблем кој може да се развие и неколку дена по изложувањето на високи температури, поради физички активности, ако внесувањето на течности бил недоволен.

Симптоми: Замор, слабост, вртоглавица, главоболка, несвестица, гадење и повраќање, грчеви во мускулите, отежнато потење, бледа, студена и влажна кожа, брзо и плитко дишење.

Прва помош: Тргнете го лицето од сонце на поладно место, ставете го во лежечка положба со малку кренати нозе и дајте му многу течности (вода, безалкохолни пијалаци), прскајте го со вода и ладете го со вентилатор. Од топлотната исцрпеност може да се развие топлотен удар, па ако наведените симптоми се влошат или траат подолго од еден час, потребна е итна медицинска помош.

Топлотни грчеви – Болни грчеви во мускулите кои се јавуваат по голем физички напор кај луѓе кои многу се потат. Луѓето кои обилно се потат се почувствителни на можноста за појава на топлотни грчеви бидејќи со потењето се губи солта, а намаленото ниво на сол во мускулите предизвикува болни грчеви во рацете, нозете или стомакот.

Симптоми: Кожата е бледа и испотена, температурата е нормална, а на згрчениот мускул можеме да почувствуваме задебелување.

Прва помош: Потребно е лицето да ги прекине сите активности, да се засолни од сонцето во сенка или во разладена просторија, да му се даде да пие вода или природни овошни сокови. Да не продолжи со напорна физичка работа ниту неколку часа по грчевите, бидејќи може да дојде до исцрпеност или топлотен удар. Ако грчевите траат подолго од еден час, да се побара медицинска помош.

Топлотен осип – Иритација на кожата предизвикана од прекумерно потење поради топлото време. Изгледа како збир од плускавци или мозолчиња кои најчесто се појавуваат на вратот, горниот дел од градите, препоните, под градите или на внатрешната страна на лактот.

Симптоми: Црвен осип со силно чешање.

Прва помош: Одете под сенка или во ладна просторија и облечете сува облека. Нанесете ладни облоги на осипот. Кај таквите луѓе обично не се препорачува нанесување крем, туку употреба на детски пудри за кожа.

Сончаница – Вид на топлотен удар што настанува кога главата е изложена на директно влијание на сончевите зраци.

Симптоми: Слабост, гадење и повраќање, главоболка, вртоглавица, немир, збунетост, црвено лице, зуење во ушите. Во потешките случаи, се појавува зашеметеност, проширени зеници и несвестица со забрзан отчукување на срцето и плитко забрзано дишење, а во најтешките случаи, може да дојде и до опасност по живот.

Прва помош: Преместете го лицето во сенка или разладена просторија, отстранете ја вишокот облека, ставајте ладни облоги на главата, ако е свесно, давајте му ладни пијалaци.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Вон контрола пожарот во близина на Атина, изгорени домови, евакуирани населби

Следно

Македонија ги почна преговорите за членство во Европската Унија!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian