ХРВ со остри критики до ЕК за недоволна заштита на владеењето на правото

2 mins read

Една од највлијателните организации за заштита на човековите права „Хјуман Рајтс Воч“ (ХРВ) изнесе сериозни критики кон Европската Комисија за недоволната заштита на владеењето на правото во земјите-членки на Европска Унија, јави дописничката на МИА од Брисел.

ЕК неделава ги објави извештаите за владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ. Овие релативно нови извештаи, последица на нарушувањето на владеењето на правото во земји како Унгарија и Полска, се нова пракса на Комисијата, и содржат препораки до секоја земја.

Препораките се однесуваат на судскиот систем, корупцијата, слободата на медиумите и институционални прашања.

Но, ХРВ оценува дека овие извештаи не се доволни за да се заштити владеењето на правото во ЕУ.

– И покрај сѐ поголеми докази, вклучително и од Агенцијата за темелни права на ЕУ, за заплашувања и мешање во работата на граѓанското општество, овој извештај не го идентификува граѓанското општество како клучна тема, оценува организација за заштита на човековите права.

Најфрапантни, според ХРВ, се случаите на Унгарија и Полска, кои и двете под истрага на ЕК за нарушување на владеењето на правото и човековите права.

– Унгарија и Полска ги добија најбројните препораки, но за жал повеќето препораки се општи и не ја содржат потребната специфичност за да се обезбеди ефикасна имплементација, истакнува ХРВ, која потсетува на нападите врз невладините и граѓанските организации во Унгарија, и за која препораката гласи само „да се отстранат пречките, што ги засегаат организациите од граѓанското општество“.

Што се однесува до препораките на Европската Комисија до Унгарија за враќање на независноста на судството, Хјуман Рајтс Воч истакнува дека тие се послаби од самиот Хелсиншки Комитет на Унгарија. Притоа, ХРВ изразува загриженост што препораките не содржат временски рокови, нема систем на мониторинг, ниту последици доколку не се применат препораките.

ХРВ предупредува дека без одлучност во делот на владеењето на правото во ЕУ, последиците можат да бидат сериозен во однос на репресијата и Европската Комисија треба навремено да ги увиди предупредувањата кога се појавува било каков вид репресија во земјите-членки на ЕУ пред да биде доцна.

kurir.mk

Претходно

Утре напладне заседава Комисијата за заразни болести, можно е да препорача воведување мерки

Следно

Ограбен 62-годишен скопјанец

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian