Вархеји: Ова е голем ден и за Северна Македонија и за ЕУ

2 mins read

Денеска е важен момент не само за Северна Македонија, туку е важен момент и за Европската Унија. Оваа политичка меѓувладина конференција е крај на еден долг процес и почеток на нова фаза од пристапните преговори. Може да продолжите да сметате на нашата поддршка, а ние ќе продолжиме да градиме заедничка, просперитетна и безбедна иднина заедно, изјави денеска во Брисел еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски.

Северна Македонија, посочи Вархеји, во изминатите 17 години од добивањето на кандидатскиот статус и 13 години од првата препорака за отворање на пристапните преговори покажа дека е партнер од доверба.

– Уверен сум дека со одлучноста и решителноста на Северна Македонија ќе можеме да работиме брзо, напорно и ефективно во текот на преговорите. Нашата порака денеска за граѓаните од Северна Македонија е многу јасна. Ве сакаме во ЕУ и тука не постојат сомнежи. Денеска праќаме и моќна порака кон целиот регион, па и надвор од него, изјави Вархеји.

Вархеји, посочи дека ќе направат се да се забрза процесот на преговори и веќе денеска попладне ќе започне скринингот на законодавството на ЕУ, што, како што нагласи е првиот чекор во пристапните преговори.

– Сакаме да продолжите да комуницирате со сите засегнати страни, со граѓанското општество и сите во Северна Македонија, затоа што ни се потребни во овој процес. Потребни ни се сите во Северна Македонија да работат за земјата и да работат за тоа Северна Македонија да стане земја членка, изјави Вархеји.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Во детските соба на Лазар и Ева: Магични постелнини, неодоливи детали, многу уметност и љубов

Следно

Тешко повреден мотициклист по судир со „фиат“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian